Долгата рака на Нуланд стигна на Балканот
Наредбата на Бајден треба да ги замисли сите лидери на политички партии во Македонија кои во своите изборни програми напишаа дека ќе го спорат Преспанскиот договор, а и сите кои ја користат политиката за да ја скријат корупцијата
Слободанка Јовановска
Претседателот на САД, Џо Бајден, доцна синоќа ги стресе политичките елити на Балканот, вклучувајќи ги и тие во Македонија. Со наредбата што ја издаде и со најавата за активирање на црната листа за тие што ги спорат мировните преговори, тој испрати силен сигнал до политичарите во регионот – дека САД внимателно ги гледаат и нема да седат со скрстени раце ако се заборават на функциите и почнат да работат на штета на интересите на граѓаните.
Пораката се однесува на сите држави од Западен Балкан (во наредбата стои земјите од поранешна СФРЈ плус Албанија), иако прва што го почувствува ефектот од ваквата политика беше соседна Бугарија, земја членка на ЕУ, што значи дека администрацијата на Бајден регионалната „метла“ ја сфаќа многу пошироко и подготвена е да се соочи со сите кои ги попречуваат евроинтеграциските процеси и стабилизацијата на регионот.
Она што е исто така многу важно во оваа наредба, е пораката дека ќе нема толеранција ни за корупцијата и дека и таа ќе се санкционира на ист начин како политичкото дестабилизирање. Ова е втора политичка одлука во САД во рок од десетина дена за корупцијата со која борбата со неа на Балканот и во Европа се издигнува како еден од врвните приоритети на Вашингтон. Со двете спектакуларни наредби за краток рок (за Балканот и за Бугарија) се праќа порака дека на тоа ќе се работи брзо и без пардон.
Притоа, во сите овие одлуки и наредби, вклучувајќи ги и санкциите за корумпираните во Бугарија, може да се види потписот на Викторија Нуланд, актуелен потсекретар за политички прашања, трет функционер во хиерархијата во Стејт департментот на Бајден, добар познавач на Балканот, со углед и кај републиканците и кај демократите, активно вклучена во напорите за влез на Македонија во НАТО (таа ги организираше преговорите во Брисел меѓу Македонија и Грција) и потписникот на „смртната пресуда“ на режимот на Никола Груевски. Македонија, покрај останатото, е едно од достигнувањата на која почива нејзината кариера, а сега кога зајакнаа напорите надвор и дома да се вратат состојбите назад и земјата пак да биде блокирана, логично е таа да не го дозволи тоа.
Во наредбата, покрај заканите со санкции за оние кои отворено се ангажираат во прекршување или опструкција на Преспанскиот и Охридскиот договор (тоа како намера беше дел и од изборните програми на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Единствена Македонија и други националистички партии во земјата), јасно се порачува дека еднакво ќе бидат третирани и тие што се инволвирани во корупција бидејќи таа „директно им штети на надворешната политика, националната безбедност и економското здравје на Соединетите Држави и на партнерите и сојузниците“.
Затоа САД бараат отчетност и борба против неказнивоста за оние кои се вклучени во значителна корупција на Западниот Балкан, бидејќи како што стои во наредбата, „корупцијата им служи на интересите на оние малкумина кои се занимаваат со тоа, обложувајќи се на своите џебови и одговорајќи само за сопствените лични интереси, а не за интересите на земјата или нејзините луѓе“.
„Корупцијата го намалува економскиот раст, го олеснува организираниот криминал и ја поткопува довербата во демократските процеси. Овие сили ја отвораат вратата за нашите стратешки противници да ја поткопуваат демократијата, да спречуваат напредок кон ефективно и одговорно управување и да спречуваат регионот на Западен Балкан да постигне целосна интеграција во трансатлантските институции. Тие им овозможуваат на поединците да го искористат слабото владеење на правото и да профитираат од системска корупција на сметка на обичните граѓани. Тие со тоа претставуваат невообичаена и извонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“, стои во наредбата на Бајден, во која може да се препознаат многумина во регионот и кај нас.
Притоа, заканата за санкции се однесува и на поранешни и на актуелни државни службеници за кои ќе се открие дека се инволвирани во злоупотреба на јавни пари, експропријација на приватни средства за лична корист или политички цели или во мито. По овој опис е јасно зошто Сашо Мијалков експресно беше вратен во затвор и зошто Јордан Камчев не може да добие куќен притвор, зошто има превирања во безбедносниот сектор, како беа откриени продавањата пасоши и други настани и како партиски функционери од ВМРО во Бугарија завршија на црната листа поради продавање пасоши на Македонци.
Покрај тоа Бајден ѝ даде задача на својата администрација да му подготви план за 200 дена како да ја зајакнат борбата со корупцијата во регионот и пошироко, за што потпиша специјален меморандум изминатите денови. Ефектите од тој план допрва ќе следат.
Од дипломатски извори, пак, се дознава дека наредбата сѐ уште не е проследена со проширување на црната листа, но дека таа постојано се ажурира откако првпат беше донесена во 2001 година, и на неа како последни пред шест месеци се додадени лица кои се бореа во Сирија, а се од Македонија. На неа сѐ уште се Мендух Тачи и Љубе Бошкоски, покрај ред албански екстремисти од Македонија кои се таму одамна, а е симнат Али Ахмети, но генерално стои ОНА стои на листата на санкционирани. Јасно е сепак дека сега фокусот ќе биде на корумпирани, бидејќи тоа стана поголема закана од екстремизмот во регионот, а сигналот да се испитаат нови дополнувања е пратен до администрацијата во Вашингтон.
Американски оценки се дека Бајден мора да се фокусира на косовското прашање, на демократското назадување во земјите во регионот и просторот што го отвора тоа за растечкото влијание на Русија и на Кина. Блокадата на евроинтеграцијата особено на Македонија исто така станува приоритетно прашање, што се виде од заклучокот на самитот на Групата 7, бидејќи ЕУ никогаш не би го издигнала на ова ниво да не е интервенцијата на САД.
Очигледно Вашингтон почна да се враќа жестоко на Балканот, откако Брисел покажа по којзнае кој пат дека не ја контролира ситуацијата и не помага да се решат проблемите. Викторија Нуланд, која се прослави и со пораката „Fuck the EU”, ја презема главната улога со тимот во кој се и Николас Брнс, Филип Гордон, Филип Рикер и други добри познавачи на Балканот, вклучувајќи го и самиот Бајден.