Документи за сопственоста и доградбите на „Пулс“ се презентираа на денешното рочиште
Со изведување на материјални докази од Обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Пред Судот беа презентирани докази за објектот, неговата сопственост и движење на имот – целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на објектот каде се наоѓала дискотеката Пулс.
Во судница беа презентирани 19 записници од вршење увид од комунални инспектори во Кафе бар Класик, каде во сите како управител стои Митко Стојанов и се вршени во негово присуство.
Потоа беа презентирани повеќе докази поврзани со барање од Никола Кузманов за изградба на деловен објект од 1999 година, заедно со план, проект и елаборат за градба, како и документ и одобрение за градба издадени од Министерство за урбанизам и градежништво.
Документи од Гроздан Милковски – сопственик на имотот и објект каде се наоѓала и функционирала дискотеката „Пулс“, како и документација за легализација на безправна градба на дел од објектот – имотен лист со објект на Милковски, купени од претходниот сопственост Никола Кузманов, како и документација за легализација на дивоградба – доградба на објектот направена подоцна без соодветна документација.
На минатото рочиште се изведуваа материјални докази на Обвинителството – видео снимки и слики поврзани со објектот – клубот „Пулс“ од критичната вечер, па и низ годините во минатото кога работел.
Судот на почетокот на денешното рочиште им посочи на дел од одбраната дека доказите кои се презентираат од Обвинителството се обезбедени во оригинал и доколку сакаат може да извршат увид.
Одбраната на Митко Стојанов на почетокот до Судот достави предлог за укинување на мерката притвор и замена со мерки за претпазливост, укажувајќи дека тој повеќе од една година е без работа и приходи и мора да работи за да го враќа хипотекарниот кредит за да не остане без куќа.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.