Документарен филм ја раскажа историјата на современиот македонски јазик во битолската Гимназија
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/Битолска-гимназија-прослава.jpg)
БИТОЛА – Гимназијалецот Давид Козаров преку уметничко-документарен филм ја раскажа историја – 80 години од одржувањето на првиот час на современ македонски јазик во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола и предизвика бура од емоции кај публика.
Филмот беше прикажан синоќа пред битолчани на големото платно во Центарот за култура во рамките на свеченостите за големиот јубилеј.
Насловен како „Неговиот глас“, Козаров филмот го работеше под менторство на професорот по македонски јазик и литература Никола Трајковски. Во него направи спој на минатото и сегашноста, на сите знајни и незнајни професори и ученици кои од 6 февруари 1945 година, пред крајот на Втората светска војна, придонеле за вградување во наставата на современиот македонски литературен јазик. Филмот изобилуваше со спомени, фотографии од повоената генерација на гимназијалци до денес и со интервјуа на поранешни ученици во гимназијата, академици, лекари, професори, адвокати, актери, уметници…
„Зборовите тогаш беа забранети, а јазикот осуден да исчезне. Учениците не беа само деца, беа гладни за знаење, за живот, за слобода…Се сеќавам на времињата кога зборовите не беа само зборови, тие беа моќни и непокорливи како огнени искри што се раѓаа од пепелта“, пренесе преку извонредната нарација доајенот на Битолскиот театар Борис Чоревски во релација со талентираниот ученик од четврта година Борис Граматковски, како слика на сегашноста и иднината.
„Бевме на првата линија, изговоривме зборови со храброст знаејќи дека ќе бидеме слушнати само ако самите себеси си веруваме. Го видов духот на илинденците што живееше како пламен во нивните срца, нивната сила која не знаеше за умор, ги видов и оние од НОБ – Стив Наумов, Мирче Ацев, Кузман Јосифовски – Питу, Страшо Пинџур, Елпида Караманди, Борка Талески, борците што во срцето го носеа ветувањето за живот, слободен и наш“, интерпретираше актерот Чоревски делови од сценариото на ученикот Козаров и професорот Трајковски, додека течеа слики и спомени од гимназијата.
Во филмот зборуваат академиците Владо Камбовски и Живко Попов, ученици во гимназијата во шеесетите години од минатиот век. Професорите Душанка Петличкова и Милица Роџевска, градоначалникот Тони Коњановски, актерот Иван Јерчиќ, адвокатот Никола Главинче, музичарот Бранислав Николов.
„Се запишав во гимназијата во 1962 година, и во тоа време беше создаден целиот корпус на изграден македонски јазик, со сите атрибути, не само правописот, граматиката, речникот, туку изобилство на литература без која не се можеше. Но беше изграден и кадар, професорите беа на рамниште на универзитетски професори. Тие работеа по завештанието на Конески дека –‘Нашиот јазик е нашата единствена татковина’. Знаењето се сметаше како добро во духот на античките филозофи, а не како моќ “, зборуваше академик Камбовски.
Професорката по биологија во пензија Душанка Петличкова, раскажува дека била прва генерација на ученици во гимназијата кои учеле на современ македонски јазик во 1945 година.
„Цела Југославија знаеше за нашата гимназија. Бевме трудољубиви и така нѐ насочуваа нашите професори. Нѐ учеа на честитост на доследност, на одговорност. Нѐ учеа на латинската поговорка –‘Преку трња до ѕвездите’“.
Познатиот адвокат од Битола, Никола Главинче како ученик на гимназијата од помладата генерација се присетува дека „учениците од гимназијата беа јадро на интелектуалци и борци кои не само што ја донесоа слободата, туку го развија и интегритетот на науката во државата. Најголема потврда е холот на гимназијата каде се претставени народните херои и академиците кои учеле тука“, рече Главинче. (А.Б.)