Документарецот за Љубе Цветановски „Детето во светот“ поставен на Јутјуб


Филмот „Детето во светот“, посветен на поетот, патописец, документарист и новинар Љубе Цветановски, е поставен на Јутјуб за десетгодишнината од неговата смрт. Режисер на филмот е неговиот син Гоце Цветановски.

Филмот се фокусира на неговите сеќавања и на патувањата во над 20 егзотични земји, од каде што ја збогати македонската ризница со бројни репортажи.
„Добар документарен филм е оној кој личи на игран филм, а добар игран филм е оној кој личи на документарен фим“, говореше Љубе Цветановски.

Цветановски е роден во демирхисарското село Слоештица во 1949. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирал на Институтот за литература при УКИМ на тема „Народната култура во документарниот филм”. Бил новинар во Македонското радио и долгогодишен уредник, а во еден мандат и директор на Македонската телевизија. Во последните четири години од животот бил професор по документарен филм на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА.

Бил член на Друштвото на писатели на Македонија и на Сојузот на новинари на Македонија. Автор е на книгите поезија „Време е да се биде дома”, „Наталожен сомнеж” и „Престапна година”. Заедно со својот брат Јордан Плевнеш го напиша сценариото за играниот филм „Тајната книга”, во режија на Владо Цветановски.

Во богатата телевизиска кариера реализирал педесетина патописи од исто толку земји под наслов „Патуваме-сонуваме”.