Документарец за скопската музичка сцена на фестивалот „Le Guess Who?“ од Утрехт


На официјалната веб-страница на фестивалот LGW (Le Guess Who?)  во Утрехт, Холандија, денеска од 18 часот ќе биде презентиран македонскиот документарец „Астрокултура“ во режија на Ѓорѓи Јаневски.
Поради пандемијата, фестивалот „Le Guess Who?“ годинава се адаптираше да биде домаќин на новиот хибриден настан – ON/OFF, дводелна програма за меѓународни и локални посетители.
LGW ON почна сопствен ТВ-канал во петокот и ја лансираше платформата „Извештаи од други континенти“, во кои луѓе од цел свет споделуваат видеоизвештаи за теми од уметноста, културата и музиката од своите заедници, направени специјално за и по нарачка на „Le Guess Who?“

 

Како што соопшти Младинскиот културен центар, краткиот видеодокументарец на Јаневски „Астрокултура“, кој ќе биде дел од фестивалот, е за скопската музичка сцена и беше снимен во септември и октомври оваа година. Монтажата е на Милан Блажевски.

 

– На платформата „Извештаи од други континенти“ луѓето ја раскажуваат својата приказна. Типично, „Le Guess Who?“ би ги споделиле овие видови посебни светски музички традиции и културни случувања преку концерти и изведувачи, но бидејќи не беше можно оваа година, решиле да посегнат до неверојатната и обемна мрежа од уметници, музичари, креативци и нивни претставници со кои работеле низ годините за да најдат приказни од нивните локални заедници што треба да се споделат со светот. Викендов споделуваат извештаи од 20 различни локации, меѓу кои и Скопје, информира Младинскиот културен центар.