Документарец за Мишел Обама: Поглед зад сцената на светската турнеја на автобиографијата-бестселер


САД- Промовирањето на Мишел Обама на својата автобиографија насловена „Becoming: Мојата приказна“ – најпродаваната книга за 2018 година – се претвори во документарен филм за „Нетфликс“.

“Becoming, поглед зад сцената на турнејата во 34 градови на поранешната прва дама, ќе почне да се прикажува на 6 мај,“ се вели во соопштението на „Нетфликс“.

Документарецот е дел од договорот од 2018 година помеѓу Нетфликс и продуцентската компанија Higher Ground, формирана од поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга за изработка на содржини за стриминг-платформи.

Турнејата во 2019 и 2020 година вклучуваше јавни настани на големи концертни стадиони низ САД и во Европа, каде Мишел Обама разговараше со публиката, како и изјави на Сара Џесика Паркер, Гејл Кинг и Стивен Колберт.

„Тие месеци што ги поминав патувајќи – средби и поврзување со луѓето во градовите низ целиот свет – ја донесоа дома идејата дека она што го споделуваме заеднички е длабоко и реално и дека никој не може да си поигра со тоа “, рече Обама.

Автобиографската книга, во која Обама пишува за мајчинството, политиката и пронаоѓањето на нејзиниот глас, е продадена во повеќе од 10 милиони примероци.

„Becoming: Мојата приказна“ урива рекорди во светски рамки и е на пат да станe најуспешна книга во поновата издавачка историја, оценуваат светските медиуми, и додаваат дека книгата која беше промовирана во ноември 2018 година за кратко време стана бестселер.