Документарците на Горан Радовановиќ за Макавеев и Хандке на во Кинотека
Во Кинотеката денеска ќе гостува документаристот Горан Радовановиќ. Неговите два најнови документарци „Случајот Макавеев или процес во киносалата“ и „Чекајќи го Хандке“ денеска ќе бидат прикажани во Кинотека, а авторот Радовановиќ ќе одговара на прашањата на гледачите.
Радовановиќ (1957, Белград) е наградуван филмски сценарист, режисер и продуцент, со петнаесеттина проекти во неговото досегашно професионално портфолио.
„Случајот Макавеев или процес во киносалата“ (2018, 74 мин., колор/црно-бел, ДЦП) го осветлува можеби најектремниот случај на политичка цензура во некогашна Југославија, судскиот процес на филмот „В.Р. Мистерии на орга(ни)змот“ (W.R. – Misterije orga(ni)zma / WR: Mysteries of the Organism) на режисерот Душан Макавеев (Dušan Makavejev) во 1971 година. Филмот на Макавеев подигна голема прашина и политичките кругови во тогашна Југославија сакале да го забранат по секоја цена, сметајќи го како врв на т.н. „црн бран“ во југословенската кинематографија.
Макавеев како инспирација за филмот го имал ликот и делото на германскиот психијатар/сексолог Вилхелм Рајх, кој по емигрирањето во САД пред налетот на нацистичкиот режим, станува еден од најконтроверзните личности во јавноста, вистински „трн в око“ на конзервативците, како човек што го расипува американскиот морал. Било организирано необично „судење“, еден вид собир на голем број тогашни самоуправувачи во киносалата „Арена“ во Нови Сад, каде што филмот бил напаѓан дека ја искривува социјалистичката стварност во Југославија (истовремено, светската критика го воздига филмот на Макавеев како најкомунистички филм во тој период).
– Во филмот на Радовановиќ учествуваат преживеаните актери и соработници од неговите ексјугословенски филмови, а неговиот говор на судењето го интерпретира Светозар Цветковиќ, еден од неговите омилени актери. „В.Р. Мистерии на орга(ни)змот“ стана симбол на филмското наследство што ни го остави Макавеев: филмски јазик како игра и вечен експеримент во режијата и монтажата. А забраната на овој филм со текот на времето стана симбол на Југославија како недовршен социјалистички експеримент“, објаснува документаристот Радовановиќ. Филмот беше награден на белградски ФЕСТ како најдобар домашен филм и ја доби наградата на критиката, а освои награди и на Фестивалот на историски филмови во Хрватска и на Филмскиот фестивал во Тајван, наведоа од Кинотека.
Филмот „Чекајќи го Хендке“ (2021, 74 мин., колор, ДЦП), кој имаше светска премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Санкт Петербург, Русија, на почетокот на ноември, ја следи приказната на винарот Срѓан Петровиќ од местото Велика Хоча на Косово. Откако Петровиќ ја слушнал веста дека австрискиот писател со париска адреса Петер Хандке ја добил Нобеловата награда за книжевност во 2019 година, добива инспирација да стави плоча со ликот на писателот на ѕидот на неговата винарија. Хандке неколку пати ја има посетено и престојувал во таа винарија, и поставувањето на спомен-плочата, како знак на благодарност до овој писател во изолираната и гетоизирана српска енклава на Косово, станува сизифовски потфат, кој ја открива животната драма на преостанатото српско население.
Авторот Радовановиќ вели дека престојот на Хандке во српските енклави на Косово пред седум години имал големо влијание да го сними неговиот игран филм „Енклава“ (српски кандидат за „Оскар“ во 2016). За разлика од претходниот документарец – „Случајот Макавеев или процес во киносалата“, во кој доминира аудио-записот, сторијата во „Чекајќи го Хендке“ почива исклучиво на сликата.
– Петер Хандке (1942) има германско и словенечко потекло, растел во Источен Берлин, студирал во Грац, и неговата проза во 70-те години на минатиот век е дел од новиот бран на германската книжевност и филм. Режисерот Вим Вендерс во раната фаза на неговата кариера ги снимил филмовите „Стравот на голманот од пенал“ (Die Angst des Tormanns beim Elfmeter / The Goalie’s Anxiety at the Penalty Kick, 1972) и „Американскиот пријател“’ (Der amerikanische Freund / The American Friend, 1977) – според романите на Хандке, како и ремек-делото „Небото над Берлин“ (Der Himmel über Berlin / Wings of Desire, 1987) – според сценариото на Хандке. Писателот во 1977 го режираше филмот „Левораката жена“ (Die linkshändige Frau / The Left-Handed Woman) според неговиот истоимен роман. Во годините на распадот на Југославија, за разлика од повеќето западноевропски и американски интелектуалци и писатели, Хандке ги подржуваше Србите и режимот на Милошевиќ – и го негираше геноцидот на муслиманското население во Босна и Херцеговина. Тие негови ставови четврт век подоцна, кога Хандке ја доби Нобеловата награда, предизвикаа бојкот на поголемиот дел од балканските земји, наведоа од Кинотека.
Настанот е во организација на СПОНА – Српскиот Културен Центар во Скопје.