Докторката Каламарас ги осуди оние што не веруваат во вирусот, порачувајќи дека тој може да нѐ убие сите


На инфектологот д-р Патриција Каламарас, која го води Ковид-19 центарот во Градската болница „8 Септември“ во Скопје, по тримесечна секојдневна борба со корона вирусот очигледно ѝ пукна филмот откако граѓаните масовно не ги почитуваат препораките, а многумина и не веруваат дека постои заразата. Со малку повеќе гнев таа на Фајсбук им се обрати на сите оние што не ги почитуваат мерките и посредно со тоа го омаложуваат сиот труд и неверојатна храброст на лекарите и медицинските работници.

Еве што напиша докторката Каламарас:

„Сакам да упатам порака до сите граѓани кои не ги почитуваат препораките. Дали мислите дека со негирање за постоење на вирусот ќе го избегнете вирусот? Дали мислите дека со вашето надмудрување и непочитување на препораките ќе го избегнете вирусот? Дали мислите дека со вашите теории на заговор за 5Г и политички препукувања ќе го избегнете вирусот? Дали мислите дека е во ред да го уништите целиот наш макотрпен труд, одрекување од фамилиите, одрекување од нормален живот со обвиненија дека сѐ е измислица и дека ќе го избегнете вирусот? Дали мислите дека го заслужуваме ова ние кои постојано бдееме над вас?

Дали мислите дека мерките кои се донесуваат се против вас и дека некој сака да ви наштети? Дали сте свесни дека непочитувањето на мерките еден ден ќе нѐ убие сите нас? Уште колку време треба да помине за.да се уверите дека над сите нас виси мечот на смртта? Треба ли да има помор на целиот народ за да сфатите дека вирусот е тука меѓу нас?

Дали сте свесни дека здравствениот персонал е на работ на силите?                          Ќе се лечите сами?                                                                                                        А лекови?                                                                                                                    Заштитна опрема?                                                                                                      Медицински персонал?                                                                                                  Почна да се разболува персоналот.                                                                              А зошто?                                                                                                                       Затоа што вирусот не постои?

Едно големо благодарам од името на целиот медицински персонал за вашата почит кон нас.

Ете, со вашите тории на заговор убијте го целиот персонал, па со вашите тории ќе се лечите сами“, напиша докторката Патриција Каламарас.