Докторите порачуваат: Неуморно се бориме за здравјето и животот на сите пациенти


Фото: Б. Грданоски

Во денешното видео обраќање, докторите Милена Стевановиќ, Дејан Докиќ, Калина Гривчева-Старделова, Илир Демири, Ирена Рамбабова Бушљетиќ, Димитар Каркински и медицинскиот техничар Сабри Азири порачуваат да бидеме нивна поддршка. Тие апелираат да ги почитуваме мерките за да може да им помогнеме и на нив, кои изминативе девет месеци се во првите борбени редови.

-Ангажирани сме цело време со сета наша желба да дадеме најдобро што можеме. Одамна престанавме да пресметуваме работно време. И ние имаме семејства, имаме деца, имаме постари родители. И ние не сакаме да ја однесеме болеста дома, ниту пак да се разболиме. Се трудиме и ќе настојуваме ниту еден пациент да не остане без потребната медицинска заштита за третман во болнички услови. Ова ќе трае и само сплотени можеме да дадеме придонес, за да можеме да им помогнеме на нашите пациенти. Ве молиме! Придржувајте се до препораките, носете ги маските, одржувајте ја дистанцата. Само така ќе излеземе победници во оваа битка, порачуваат докторите.

Од Министерството за здравство наведуваат дека здравствените работници неуморно го даваат својот максимум во третманот и грижата за пациентите.

Како што посочија, носењето на заштитна маска, одржувањето на физичка дистанца, негрупирањето како и честото миење на рацете се клучните мерки во справувањето со ковид-19 кризата.

-Капацитетите на болниците се веќе преполнети, а динамиката на излекување и прием на нови пациенти е се потешко одржлива. Целиот медицински персонал е преморен, но тие не се откажуваат во грижата за нашите пациенти. Да бидеме одговорни и да се грижиме за сопственото здравје и здравјето за нашите најблиски, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.