„Доктор Офболи“ – балетска приказна за најмладата публика на 26 септември на сцената на Националната опера и балет
На 26 септември, со почеток во 19.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена балетската претстава за деца „Доктор Офболи“, една од најгледаните балетски претстави за најмладата публика.
Оваа бајковита балетска приказна, како што наведуваат од НОБ, ја прикажува вечната борба меѓу доброто и злото, во која доброто, како и секогаш, победува. Преку музиката, танцот и сценската визуелност, „Доктор Офболи“ ја раскажува приказната за добрината, храброста и пожртвуваноста, низ низа возбудливи и динамични сцени.
Претставата е создадена според сказната на рускиот писател К. Чуковски, со музика на Игор Морозов. Кореографијата е на познатиот руски балет-мајстор Михаил Крапивин, додека сценографијата и костимите се дело на Живојин Трајановиќ и Марија Пупучевска.
Во претставата настапуваат солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, кои преку танцот ја оживуваат приказната за добриот доктор Офболи и неговите авантури. Со својата динамична кореографија, впечатлива сценографија, живописни костими и музика, претставата создава бајковит сценски свет и го доближува балетот до најмладите, наведуваат од Националната опера и балет.