Доктор од Есен убил двајца пациенти со Ковид-19 , сакал да ги поштеди од маките

Германија – Во германскиот град Есен е отворена истрага против еден лекар, кој е осомничен дека со смртоносни инјекции убил двајца пациенти со тешка форма на Ковид-19, соопшти денеска локалната полиција.

Во соопштението на полицијата се наведува дека докторот (44), кој од февруари годинава работел во Универзитетската болница во Есен, е осомничен за убиство на двајца мажи, на возраст од 47 и 50 години, кои биле на интензивна нега во многу сериозна состојба.

Осомничениот лекар бил уапсен во средата, а веќе признал едно убиство, наведувајќи дека на тој начин сакал да ги поштеди пациентот и неговото семејство од натамошно страдање, пренесува ат британските медиуми.

Германскиот весник „Билд“ објави дека лекарот ги информирал семејствата на пациентите пред да ги убие.

Во Германија, според судската одлука од минатата година, пациентите можат да побараат да им заврши животот, но не е јасно дали тоа се случило и во овој случај.

Болницата во Есен соопшти дека лекарот е суспендиран и дека соработуваат со полицијата во истрагата.