Доктор Беќаровски: Вирусот е сѐ позаразен, а ние сѐ понеодговорни


Доктор Нико Беќаровски предупредува дека многу скоро целиот Клинички центар ќе стане ковид-стационар, дека лекарите се „претепани“ од работа, а граѓаните „кренаа раце од себе“ и оние кои се неодговорни ги загрозуваат одговорните во почитувањето на протоколите.

„Од вчера започна да се полни со ковид пациенти и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Инфективно, кожно, очно, ушно, ТБЦ, Трауматологија и сите интерни клиники веќе подолг период се ковид одделенија. Целиот клинички центар стана еден голем ковид стационар, кој полека но сигурно ги пополнува и последните слободни легла. Секој ден починуваат дваесетина наши граѓани, сега-засега во болниците, но прашање на денови кога смртта ќе завладее по улиците. Секој 500-ти граѓанин на Македонија не е повеќе меѓу нас како резултат на вирусот. Замислете дека од картата на државата е збришана една цела Македонска Каменица, или еден Демир Хисар, или едно Пехчево или Македонски Брод итн“, пишува во својот пост на Фејсбук Беќаровски.

Тој вели дека вакцини нема и уште долго масовна вакцинација ќе нема. „А вирусот станува сѐ позаразен, повеќе не разликува млад од стар. Колку тој станува поопасен, толку сме ние понеодговорни. Во маркетите повеќе не се води сметка за растојание, број на муштерии, дезинфициенси, угостителските објекти се полни во затворениот дел, а празни во отворениот, за банките, автобусите, фабриките подобро да не спомнувам“.

Според него, ако владата решила по секоја цена да прави попис, ако градоначалниците трчаат да продадат уште некоја градежна маркица, „зарем и ние самите кренавме раце од себе. Нагонот за живот е еден од најаките човечки нагони, или тоа не важи за Македонецот. Зошто се предадовме? Зошто со својата неодговорност, ги загрозуваме и одговорните? Каде исчезна солидарноста, почитта кон комшијата? Ако вие сте уморни од придржување кон толку едноставни мерки, ние сме претепани од безуспешни обиди за лечење на последиците од вашата неодговорност.

Во март 2021 година највисок чин на патриотизам е придржување кон сите протоколи“, вели доктор Нико Беќаровски.