Дојран секој ден ги спроведува заштитните мерки од коронавирусот


Фото: Б. Грданоски

Од самиот почеток на пандемијата што ја предизвика опасниот Ковид-19, па и за време на изминатиов Илинденски продолжен викенд, Општина Дојран и Кризниот штаб во соработка со надлежните служби, комуналните редари и членовите на граѓанското здружение „Профицио“ секојдневно ги применуват заштитните мерки од опасниот вирус.

– Од почетокот на туристичката сезоната, која годинава почна многу порано поради неможноста да се оди на страна, во текот на целиот период се врши контрола за носење заштитни маски, се врши дезинфекција како и едукација на угостителските објекти на кој начин да се заштитат тие, но да ги заштитат и туристите и жителите, велат од Општината.

Покрај ова комуналните редари по сите плажи на туристите им делат флаери на кои се испечатени превентивните мерки за заштита со цел да се подигне нивото на нивната свесност и одговорност и да бидат запознаени со опасноста од можна зараза.

Од Општината велат дека до сега на нивна територија се регистрирани седум лица позитивни на вирусот кои се строго изолирани случаи кои веќе се и со негативни тестови, така што, како што истакнаа, сосема произволни и неточни биле информациите во некои медиуми дека ситуацијата во Дојран излегува од контрола.