Дојран ќе биде полн до 10 август


Фото: Б. Грданоски

Комерцијалните сместувачки капацитети во сите хотели на дојранскиот брег, од почетокот на месецот па најмалку до 10 август, се полни до последно место од домашни гости кои престојот си го резервираа со туристичките ваучери, поради што хотелиерите велат дека ова им е период на ,,ваучерски туризам“ во Дојран.

Фото: Б. Грданоски

Хотелиерите и угостителите се едногласни во оценката дека Дојран годинава,како никогаш до сега во јули,не бил толку полн со гости,што е забележливо на плажите, шеталиштето и по угостителските објекти.

Фото: Б. Грданоски

 

– Речиси на сите подеднакво ни недостауваат странските гости, особено српските кои уште од почетокот на јуни транзитираа низ земјава и барем по една ноќ преспиваа во Дојран на нивниот пат кон грчките плажи. Едноставно се чувствува празнина од нив и негативен финаниски ефект врз дојранскиот туризам,но што е тука е. Стравот и заштитата од корона вирусот се чувствува на секаде,а дел од него на свој грб ќе понесеме и ние, велат дојранските хотелиери.

Кон нивното мислење се приклучуваат и приватните издавачи на легла кај кои до празникот Илинден се уште може да се најде по некое слободно место, односно слободни се околу 30 отсто од расположливите легла кои во деновите до празникот, поради големиот интерес, ќе бидат пополнети.

Порелаксирана атмосфера во комерцијалните и приватните капацитети се очекува по 10 август, период кој инаку се смета за шпиц на туристичката сезона во Дојран. Од тој период веќе може да се резервираат места по цени од 1.200 денари ноќевање со појадок во хотел ,,Полин“ 1.200 денари полупансион за лице во хотел ,,Истатов“ 1.400 денари за полн пансион за лице во хотелите ,,Полин,“ и ,,Истатов“ па се до 3.140 денари ноќевање со појадок за двајца во најрепрезентативниот хотел ,,Романтик“. Цената за изнајмување апартмани изнесува 1.200 денари од ден, а кревет кај приватните издавачи чини 350 денари од ноќ.

Во сите хотели, приватните сметувачки капацитети и угостителските објекти се почитуваат протоколите за работа и доследно се применуваат пропишаните мерки за заштита од ширење на корона вирусот што не може да се каже дека однесувањето на гостите е исто и надвор од објектите, поточно на плажите и шеталиштето каде очигледно е групирањето на гостите без заштитни маски и неодржувањето на физичката дистанца како основни мерки за заштита од Ковид-19.

Една недела пред празникот Илинден се огласи и градоначалникот Анго Ангов со апел до посетителите во прв ред да ги имаат во предвид заштитните мерки против пандемијата на корона вирусот.

Фук-Так плажа – Стар Дојран / Фото: Б. Грданоски

– За нас ќе бидат добредојдени сите гости до кои уште сега апелирам на пристојно однесување и примена на заштитните мерки од причина што навистина голема ќе биде концентрацијата на луѓе на едно место.Ако се земе впредвид дека Дојран уште сега е полн и дека за време на продолжениот викенд во Дојран на дневна основа ќе доаѓаат најмалку уште по десетина илјади гости,тогаш не е тешко да се насети како ќе биде по плажите,на шеталиштето,по парковите и во угостителските објекти,нагласи Ангов.

Тој посочи дека деновиве ќе се сретне со регионалните градоначалници за да изградат заедничка стратегија за засилена контрола од надлежните институции со цел да дејствуваат повеќе превентивно отколку репресивно за да се подига свеста кај гостите од неминовна потреба на самозаштита.

Фото: Б. Грданоски

Во тој правец апел упати и епидемиологот Сашо Олумчев од ПЕ на Центарот за јавно здравје од Гевгелија преку кој се покрива и територијата на општина Дојран. Конкретно тој апелираше до младите луѓе за време на престојот на плажа и други места во Дојран,да не се однесуваат потценувачки кон вирусот,да применуваат заштитни средства и да не мислат дека токму тие не можат да се инфицираат од невидливиот вирус и подмолниот непријател кој демне од сите страни.