Дојде крај на проблематичната пржинска влада


Техничките и дополнителните министри од ВМРО-ДПМНЕ , кои беа дел од таканаречената Пржинска влада, од денес си заминуваат. Останува само премиерот Оливер Спасовски за да обезбеди континуитет додека не се избере новата.

Прв функцијата ја напушти министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев. Тој денеска функцијата му ја предаде на Агим Нухиу, кој е старо – нов министер за внатрешни работи. Притоа, апелираше што поскоро да се формира владиното мнозинство, што ќе значи и враќање на институциите во својот полн капацитет.

-Јас од утре се враќам на моето претходно работно место во Агенцијата за разузнавање. На мојот наследник и колега, Агим Нухиу, од срце му посакувам успешно извршување на работните задачи во периодот што следи, напиша Чулев на Фејсбук.

Според законот за Влада, од утре не важат одлуките на Чулев. Сите назначени началници од него, нема да ги раководат назначените сектори.

Единствено, законот за Влада не предвидува да си замине техничкиот премиер. Па, така, Оливер Спасовски на кратко ќе биде и пратеник и премиер, исто како Емил Димитриев пред три години.

Во Министерството за труд и социјална политика нема да има физички промени бидејќи во февруари беше разрешена техничката министерка Рашела Мизрахи.Во социјала само официјално функцијата министер ќе ја преземе заменикот Ѓонул Бајрактар.

Утре, прекинуваат и функциите дополнителен заменик-министер. Од МВР и Министерствотот за труд си заминуваат Славјанка Петровска и Санела Шкријељ од СДСМ. Заминуваат и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска, Гордана Димитреска Кочоска и Цветан Трипуновски кои беа дополнителни заменици-министри во информатичко општество и администрација, финансии и земјоделство.