Дојави за бомби во училишта низ Србија — наставата е прекината во повеќе градови
Нови дојави за поставени бомби во основни и средни училишта во повеќе градови во Србија. Учениците се евакуирани, а полициски екипи ги проверуваат зградите, пренесе Н1.
На е-поштата на неколку образовни институции се примени пријави со тврдења дека во просториите на училиштата се поставени експлозивни направи. Вакви дојави добиле основни и средни училишта во Лесковац, Војводина и Белград. Како што неофицијално дознава порталот 021, нови пријави пристигнуваат и од други населени места во Војводина.
Полициски екипи се на терен и се вршат проверки на училишните згради во Нови Сад.
Меѓу институциите каде што наставата е прекината се Музичкото училиште во Лесковац и Основното училиште „Светозар Марковиќ“ во Вучје.