Дојави за бомби во шест белградски училишта
Пет основни училишта и едно средно училиште во Белград утринава добија дојави за бомби, што е потврдено од МВР, јави дописникот на МИА од Белград.
Помошник-командантот на полициската бригада Радојко Царан изјави дека само во Белград годинава имало повеќе од 2.000 лажни дојави за поставени бомби.
-Најчеста мета во претходниот период беа основните и средните училишта, факултетите и аеродромот „Никола Тесла“, изјави Царан за РТС.
Тој објасни дека при дојава за поставена бомба, дежурната служба веднаш испраќа на лице место припадници на МВР, кои преземаат мерки и дејствија за обезбедување на лицето и местото и вршат увид на теренот, со цел. да се утврди дали има некаква експлозивна направа или минско експлозивно средство.
На прашањето колку трае увидот на објектот, Каран рече дека зависи од големината на објектот и од бројот на припадниците на МВР кои се на терен.
-Пристапот е плански, се проверува сектор по сектор и се внимава на сите сомнителни предмети, предмети кои не припаѓаат на тој простор или лица кои престојуваат во тој простор, како кога во вашето ТВ студио да има ранец кој не му припаѓа никому од тимот, објасни Каран на РТС.
Според него, кога ќе се најде ваков предмет, пристигнуваат контрадиверзантски екипи со заштитна опрема, специјални направи и службени кучиња за откривање експлозивни направи и го проверуваат објектот.