Дојави за бомби во Хрватска биле испратени од островот Куракао во Карипското Море

На Карибите има онлајн сервиси преку кои може да се маскира оригиналната адреса на испраќачот


Евакуацијата во Загреб по дојавата за бомби

 

Во понеделникот во 93 државни институции и приватни фирми во Хрватска стигнаа дојави за бомби. Меѓу таргетираните беше и Врховниот суд. Во пораките пишувало: „Во судот е поставена бомба“; „Ќе ја урнеме Владата на Република Хрватска“; „Не сме во војна со обичните граѓани“; „Не ни треба смрт“; „Цел – уништување на згради“…

Иако немаше простор за паника во Загреб, пораките предизвикаа застој во работата на речиси сите хрватски судови и согласно процедурата во вакви ситуации на терен беа испратени полициски службеници од антиексплозивното одделение

Вообичаено, од полицијата не сакаа да кажат од каде доаѓаат таквите вознемирувачки мејлови и до каде е истрагата, но новинарите на „Јутарњи лист“ дознаа дека испраќачот ја маскирал својата вистинска адреса преку онлајн сервис од островот Куракао во Карипското Море, близу до брегот на Венецуела. Целта била тешко да се најде оригиналниот креатор и испраќач. Станува збор за услугата MsgSafe.io, една од услугите која на корисниците им овозможува анонимност и приватност на комуникацијата преку е-пошта.

Саша Јушиќ, консултант за сајбер безбедност од хрватската компанија „Инфиго ИС“ објаснува зошто дојави за бомби се испраќаат од вакви адреси.

„Можноста таквата услуга да ги скрие адресите на испраќачите е токму тоа што тие се наоѓаат во земји кои не се обврзани да даваат податоци, односно имаат законска можност да го заштитат идентитетот на лицата кои сакаат да останат анонимни. Слична е ситуацијата како со оф-шор зоните во кои се заштитени сопственичките удели во компаниите, само со таквите услуги се штитат идентитетите на учесниците во електронската комуникација“, вели Јушиќ.

Тој додава дека на веб-страницата на овие сервиси има демант дека нивната услуга не треба да се користи за извршување на криминални дејствија како уцени или закани, а во суштина тие многу често се користат токму за такви работи.

Куракао е независна област во рамките на Кралството Холандија која има свои закони. Холандија е главно надлежна само за одбранбената и надворешната политика. Заедно со Аруба и неколку други острови тие се дел од она што порано беше познато како Холандски Антили.