Дојава за бомба во авион од Њујорк до Израел. Евакуирани патници


Патниците на авионот на американската компанија Делта Ер Лајнс, кој леташе од Њујорк до Тел Авив, беа евакуирани утрово по слетувањето на израелскиот аеродром Бен Гурион поради анонимна дојава за бомба, пишува „Мирор“.

Според дојавата, наводно во авионот имало експлозивна направа, поради што веднаш биле покренати безбедносни процедури. Патниците биле евакуирани во терминалната зграда, а авионот бил преместен во посебен дел од аеродромот за да можат безбедносните служби детално да го проверат.

Израелските власти соопштија дека нема непосредна опасност за патниците. Прегледот на авионот не пронашол ништо сомнително.

Инцидентот е завршен
Израелски „Џерусалим пост“ објави дека првичните проценки укажуваат на лажна дојава за бомба. Потоа безбедносните служби извршиле детална проверка на авионот, но не пронашле ништо сомнително, објави израелскиот портал „Јнет“.

„Инцидентот е завршен без никакви необични наоди. Сообраќајот се врати во нормала“, соопшти израелската управа за аеродроми.