Дојава за бомба и во МНР


Фото: Б. Грданоски

 Дојава за поставена бомба пристиганала изутринава во Министерството за надворешни работи во Скопје. Во тек е евакуација на зградата. Дојави за бомби стигнаа и за ГТЦ и неколку училишта.

– Информираме дека до Министерството за надворешни работи преку електронска пошта пристигна информација дека во зградата се поставени експлозивни направи. Министерството веднаш ги извести соодветните служби во МВР, по чии насоки заградата е веднаш евакуирана. Соодветно на безбедносните протоколи, штом се создадат соодветни услови, вработените ќе се вратат на работа, соопштија од МНР.

Екипи на МВР веќе се на терен и преземаат активности за проверка на зградата.

Освен анонмимни дојави за поставени бомби во средни и основни училишта минатата недела имаше закани за бомби и во институции и трговски центри. 

Надвор од Скопје дојава за поставена експлозивна направа била испратена утровои  во основно училиште во Кавадарци, информираше портпаролот на СВР Велес, Ристе Самарџиев.

– Околу 08.20 часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на едно основно училиште е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето, појасни Самарџиев.

Минатата седмица, вакви закани беа испратени во шест основни и средни училишта во Кавадарци и се покажа дека дојавите биле лажни.