Договорот за добрососедство е основата за односите со Бугарија, порача власта, опозицијата бара од Заев став за Гоце Делчев и македонскиот јазик


Историјата да им се остави на историчарите, а политиката на политичарите е повик, кој изминатите денови постојано се повторува од страна на државните функционери во земјава во однос на недоразбирањата кои настанаа на релација Скопје-Софија, по испраќањето на бугарскиот појаснувачки меморандум до земјите-членки на ЕУ.

Историските прашања да се решаваат во рамки на Мешовитата македонско-бугарска комисија, која произлезе од Договорот за добрососедство, апелира државниот врв, а шефот на дипломијата Бујар Османи напомена дека следната средба на македонските и бугарските историчари ќе се одржи во декември, откако на 15 и 16 октомври по пауза од речиси една година Комисијата го одржа деветиот состанок во Скопје.

Османи во интервју за Канал 5 нагласи дека Комисијата е инструментот за решавање на проблемот со Бугарија и дека тоа што ќе произлезе од неа е најодржливото решение.

-Теоретски може политичарите да најдат решение, меѓутоа колку се тие одржливи. Затоа што секогаш ќе се гледаат од политички контекст, дека биле политички решенија а не биле на научни согледувања и решенија и утре кој било може да ги спори тие решенија. И затоа сметам дека е најодржливо, најцврсти решенија ќе бидат тие што историчарите без влијание на политичарите ќе ги донесат како заклучоци, истакна Османи.

Нагласи дека тој лично би сакал овие прашања да се завршат, да се тргнат од агенда за да можеме да се фокусираме на преговорите со ЕУ.

Македонските и бугарските историчари на последната средба во Скопје не постигнаа договор за Гоце Делчев, иако на маса биле поставени нови идеи и предлози околу неговиот лик и дело, но по средбата напоменаа дека има мали поместувања кон напред и оти процесот на разговори продолжува и понатаму, со сите тешкотии и сите чувствителни теми кои се на маса.

-Молам за трпение и поголема ематија и кон нас и кон колегите од Бугарија, за да можат прашањата да бидат дискутирани со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин можат да се надминат работите, изјави по средбата копретседавачот на Комисијата од македонска страна Драги Ѓоргиев по дводневните разговори во Скопје.

Но и покрај ваквите повици вчера не изостанаа партиските реакции за односите со Бугарија. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски вчера го повика премиерот Зоран Заев да го каже својот став за Гоце Делчев и за македонскиот јазик.

-Зоран Заев молчи во врска со изјавите на врни бугарски политичари дека Гоце Делчев е Бугарин, а македонскиот јазик дека е лингвистичка форма на бугарскиот. Заев со своето молчење ја понижува македонската нација и распродава нешто што не е негово, туку на народот, истакна вчера Мисајловски, кој меѓу другото бара од Владата да испрати протестна нота до Бугарија, по изјавата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов дека „ќе испрати армиски полк да руши спомениците во Скопје“.

Пратеничката од СДСМ Марија Георгиевска, пак вчера изјави дека очекуваат во духот  Договор за добрососедство двете земји да продолжат заеднички да ги градат односите и меѓусебно да си даваат поддршка.

-Со нашиот сосед, Република Бугарија, имаме Договор за соработка и добрососедство кој патем да напоменам тој Договор е  потпишан и на македонски јазик. Очекуваме во духот на овој Договор, да продолжиме заеднички да ги градиме односите и меѓусебно да си даваме поддршка двете земји. За темите коишто се дискутираат изминатиот период и кои произлегуваат од овој Договор за добрососедство изразуваме волја да ги решаваме преку работата на комисиите кои сметам дека се надлежни да ги решаваат овие теми, одговори Георгиевска вчера на прашањето, кои се следните чекори на власта во односите со Бугарија.

Во посета на Бугарија деновиве беше поранешниот премиер и лидер на ВМРО-Народна Љубчо Георгиевски, кој говореше пред бугарските медиуми, но имаше и средби со министерката за надворешни работи Екатерија Захафриева, со потпретседателот на Владата и министер за одбрана, Красимир Каракачанов и со генералниот секретар во кабинетот на престедателот Румен Радев, Димитар Стојанов.

Од неговата партија велат дека Георгиевски се обидел да го објасни неговото мислење и позиција дека сепак во македонско-бугарските односи има напредок и ставил посебен акцент на работата на заедничката историска комисија.

Од страна на соговорниците, како што објави вчера ВМРО-Народна партија, било потенцирано дека тие не бараат нова промена на Уставот на Македонија, дека не бараат нов посебен договор, но инсистираат на спроведување со јасно темпо на досега договореното помеѓу двете држави, со посебен акцент на историската Комисија.

А Комисијата освен средбата во декември, најави уште пет средби во текот на следната година. Комисијата во досегашната работа препорача заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил. Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 7одделение/6 клас.

Бугарија во појаснувачкиот меморандун до земјите-членки меѓу другото го оспорува македонскиот јазик и македонската нација и не ја исклучува можност за блокирање на првата Меѓувладина конференција на Северна Македонија со Европската Унија, која според прогнозите треба да се одржи до крајот на декември, што е очекување и на актуелното германско претседателство со Унијата.

Во однос на процесот на проширување наша јасна цел, на германското претседателство со ЕУ, е да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годината, изјави неодамна германската амбасадорка Анке Холштајн, која евентуално незапочнувањето на преговорите со ЕУ во рамки на германското претседателство го означи како неуспех.