Договорот со Фронтекс ратификуван во Собранието без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ


 

Со забележливо отсуство на целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Левица денеска во Собранието со 61 глас беше ратификуван договорот со Фронтекс, прв ваков што македонија го потпиша со сите земји членки на ЕУ и со Европската комисија на македонски јазик. Договорот со Фронтекс Македонија и ЕУ го потпишаа на 26 октомври минатата година. Со денешната ратификација Договорот со Фронтекс станува дел од внатрешниот правен поредок на државата.

Со влегувањето во сила на овој договор се овозможува на барање на нашата држава да се распоредат полициски службеници на Фронтекс на критичните точки на границата, заедно со полициските службеници на Македонија. Тоа, како што се наведува, ќе придонесе кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење, како и можност да се користи целата опрема на Фронтекс.

Во материјалите за предлог-законот беа содржани факсимили од целосниот текст на Договорот со Фронтекс на сите 25 јазици на кои е потпишан: македонски, бугарски, хрватски, чешки, дански, холандски, англиски, естонски, фински, француски, германски, грчки, унгарски, ирски, италијански, летонски, литвански, малтешки, полски, португалски, романски, словачки, словенечки, шпански и шведски јазик.