Договорот со Бугарија мора да биде врз взаемна почит и европски вредности, вели Ковачевски

Двете страни мора да го чуваат и да го задржат достоинството на граѓаните на двете држави, рече премиерот на форумот за стоте дена на Владата


Димитар Ковачевски на форумот за 100 дена Влада

 

Не може да се постигне успех во разговорите со Бугарија ако тој не се базира врз европските вредности и принципот на почит помеѓу институциите и граѓаните и принципот на достоинство, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешниот форум по повиод стоте дена од формирањето на Владата. Според него, двете страни мора да го чуваат и да го задржат достоинството на граѓаните на двете држави.

Тој рече дека „честопати дискусијата знае да биде преземена од националисти и популисти и тоа не е добро, меѓутоа ние како влади кои се европски ориентирани имаме обврска да наметнеме наратив кој ќе биде позитивен, насочен кон иднината и ќе овозможи отпочнување на преговорите. Но тој наратив мора да се базира на европски вредности, почит и достоинствен разговор“. Ковачевски го повтори она што го истакнуваат речиси сите политички актери – дека ние како држава изминатите 30 години имаме направено многу и сме се откажале од многу со цел да ги исполниме критериумите за членство во ЕУ. Потврда за тоа се и позитивните извештаи на Европската комисија за Македонија.

Одговарајќи на прашања за долгорочната стратегија на Владата за надминување на економско-социјалната и здравствена криза предизвикана од пандемијата и војната во Украина, Ковачевски оцени дека преземените мерки овозможуваат навремено снабдување со потребните основни суровини за производство на храна, со ѓубриво за сеидба и прихрана, семенски материјали и „зелена нафта“.

„За да го зајакнеме домашното земјоделство со пакет мерки изготвивме Интервентен план за производство на храна, којшто е насочен кон стратешките култури, а тоа се пченка, пченица, сончоглед, јачмен. Дополнително, тој е насочен кон извозните култури, доминантно од овоштарството и поледелството ѝ е насочен кон зголемувањето на субвенциите во сточарството, особено во производството на млеко, со оглед на тоа дека ако ги погледнеме производствените капацитети на државата не може нашето производство на суровина да задоволи ниту 50% од капацитетите што можат да произведат“, рече премиерот.

Според него, среќа за државата било што токму неговата влада ја предводела земјата во периодот на големи кризи – енергетската и воената предизвика од руската инвазија на Украина.

„Среќа е што токму оваа Влада ја има одговорноста да се носи со сите овие предизвици. Среќа е затоа што, одговорно тврдам, дека за 100 дена донесовме тешки, принципиелни и пред сè државнички одлуки со кои ги штитиме граѓаните, нивниот стандард и нивните приходи. Докажавме дека со добар менаџмент, одговорно управување, со парите на граѓаните и чесна работа може да се надминат и најтешките предизвици“, рече Ковачевски.

Премиерот нагласи дека транзицијата кон зелената енергија и стабилно стнабдување со енергенси е меѓу приоритетите на владата.
„За таа цел веќе ја пуштивме во пробна работа фотонапонската централа од 10 мегавати на старите наоѓалишта на јаглен во Осломеј. Таму веќе имаме потпишано договори на основа на јавно приватно партнерство со партнер од Турција, ‘Фортис’ за дополнителни 50 мегавати. Проектирањето е практично во финална фаза и уште 50 мегавати со уште една компанија ‘Солопро’ на иста основа за дополнителни 50 мегавати. Државната компанија ЕСМ ќе гради уште 10 мегавати на истиот простор со што ќе имаме 120 мегавати производство на чиста енергија на стари наоѓалишта на јаглен наместо 120 мегавати кои што во моментов ги имаме од РЕК ‘Осломеј’, загадувачка црна енергија од јаглен“, рече Ковачевски на форумот. Тој го издвои и Чебрен како монументален историски проект којшто го воделе веројатно сите влади, кој за прв пат се наоѓа во втора фаза.