Додик одлета да го поддржи Трамп, демократите му најавија ревизија на симнувањето од црната листа


Демократите во поткомитетот за Европа при Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом во вторник ќе објават извештај со кој се поставуваат темелите за надзор над политиката на администрацијата на Доналд Трамп кон Балканот.

Извештајот на конгресменот Бил Китинг од Масачусетс, кој првично беше споделен со „Semafor“, содржи писмо за кое претходно не се известувало. Во него се изразува загриженост за тоа како администрацијата ги охрабрувала функционерите во Босна и Херцеговина да доделат важен договор за изградба на гасовод на компанија AAFS во сопственост на Џозеф Флин – брат на поранешниот советник на Трамп, Мајк Флин.

Исто така, вклучен е и претходно необјавен одговор од администрацијата на тоа писмо, како и одговор на уште едно писмо во кое се оспорува одлуката за укинување на санкциите против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик.

На Китинг, водечкиот демократ во поткомитетот за Европа, му се придружија сите останати демократи од овој поткомитет, како и водечкиот демократ во целиот Комитет за надворешни работи. Во вторник наутро, поткомитетот ќе одржи сослушување посветено на Балканот.
Пратеници од двете партии побараа од администрацијата на Трамп да воведе санкции против Додик и други српски функционери во Босна, поради загриженоста дека нивните неодамнешни постапки би можеле да го дестабилизираат регионот. Република Српска, српскиот ентитет, издвои најмалку 9 милиони долари за да ја придобие наклонетоста на администрацијата на Трамп по втората инаугурација на претседателот.

Извештајот што ќе биде објавен во вторник отвора прашања во врска со кампањата на Џозеф Флин и Џеси Бинал за изградба на гасоводот „Јужна интерконекција“ во Босна, проект вреден околу 1,16 милијарди долари, и покрај тоа што немаат никакво претходно искуство во енергетскиот сектор или во регионот. Двајцата се обиделе да профитираат од енергетскиот сектор на Босна „на сметка на босанскиот народ“, се тврди во извештајот.

„Загрижен сум што потенцијалното доделување на овој договор на неискусна фирма ја намалува веројатноста гасоводот да биде ставен во функција“, му пиша Китинг на државниот секретар Марко Рубио во април. „Дополнително, личните и политичките врски меѓу AAFS и администрацијата на Трамп претставуваат неправеден конфликт на интереси“.

Функционер на Стејт департментот во одговор тврдеше дека „одлуките за понуда на концесија за Јужната интерконекција и за избор на американска компанија како главен инвеститор биле  суверени избори направени од претставници на Федерацијата на БиХ“. 

„Нашето вклучување започна кога босанските владини претставници директно се обратија до AAFS за учество“, изјави Бинал за Семафор, нарекувајќи го гасоводот „критично важен дел од инфраструктурата за енергетската иднина на Америка и регионот“.

Инаку Додик денес објави фотографија од пристигнувањето во САД каде што одлета за да присуствува на изборен настан организиран од поддржувачите на Трамп, но очигледно избра лош тајминг. Тој , како што се откерива, потрошил близу 20 милиони долари лобирајќи кај американските претставници од 2025 година за да  обезбеди олеснување на санкциите во октомври минатата година. Но, сега се соочува со можноста Конгресот да ја истражува шемата  што високи демократи ја нарекоа „плати за да играш“, во која се вклучени високи функционери на Белата куќа и Додик.