Додик: Што побрзо да се створат три независни држави од БиХ


 

Српскиот член на Претседништвото на Босна и Херцеговина Милорад Додик изјави дека треба да се збрза мирното разединување на БиХ и на нејзината територија да се створат три независни држави.

Додик смета дека одржување на БиХ, таква каква што е сега, е погрешно, дека треба да се оди кон реалноста, додавајќи дека можно е само мирно разединување, при што би настанале три независни држави – независна Република Српска, независна Херцег Босна и независна држава на Бошњаците во БиХ.

„Тоа ќе ги направи народите поспокојни, подобро насочени кон соработка“, рече Додик во интерјву за новинската агенција РС Срна.

Тој оценува дека тоа време брзо ќе дојде, додавајќи дека Република Српска како независна држава би имала подобар стандард.

Додик наведува дека не верува оти за БиХ има иднина, нагласувајќи дека тој се залага за „мирно разединување на БиХ и етаблирање на Република Српска како независна држава“.

„Перспективата е да се обезбедат неутрални мирни услови за разединување во БиХ. Тоа не е никаква сецесија, туку процес кој ќе овозможи право на народите за самоопределување. Тоа е нешто што единствено го гледам во иднината на БиХ“, рече Додик.

Според него, Република Српска кога-тогаш ќе биде независна држава на српскиот народ и другите кои ќе живеат во неа.