Додик покажа непочитување кон судот на БиХ, одби да стане и рече дека не го разбира обвинението


По пристигнувањето на судењето во 13 часот, претседателот на РС Милорад Додик и в.д. директорот на „Службен весник“ Милош Лукиќ се изјаснија за вината.

Додик и Лукиќ на почетокот на судењето изјавија дека не го разбираат обвинението, на што судијката Јасмина Ќосиќ Дедовиќ по службена должност соопшти дека тоа значи дека се изјасниле за невини.

На почетокот на судењето, Додик се осврна и на изгледот на судот на Босна и Херцеговина и рече дека во судот не е истакнато знамето на Република Српска, туку само знамињата на Босна и Херцеговина и Федерацијата Босна и Херцеговина. 

Освен тоа, кога се изјаснуваше по обвинението, Додик одби да стане и изјави дека го боли грбот.

Исто така, претседателот на РС имаше замерка што обвинението го добил на латиница, а не на кирилица. Од Додик беше процедурално побарано да ја потврди вистинитоста на личните податоци. Запрашан дали датумот и местото на раѓање се точни, Додик рече:

„Немам поим, јас бев малолетник. Ако така пишува во изводот на родените, тогаш тоа е вистина“, изјави тој.

Адвокатот на Додик рече дека обвинетиот не може да сведочи за обвинителниот акт кој не го разбира, на што судијата рече дека во согласност со законот обвинетиот се изјаснува дали го разбира обвинителниот акт на првото рочиште од главниот претрес и дека тоа прашање тогаш ќе му биде поставено.

Милорад Додик и Милош Лукиќ на суд се за непочитување на одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина (ОХР).

За ова кривично дело е предвидена казна затвор од половина година до пет години, иако многумина веќе сметаат дека Додик би можел да добие условна казна, што би му овозможило да остане на слобода, но не треба да го повтори кривичното дело за што сега е обвинет.