Додик: Не постои пат на Босна и Херцеговина за НАТО


Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој денеска присуствуваше на полагањето свечена заклетва на новоизбраните членови на Претседателството на Босна и Херцеговина во Сараево, изјави дека патот на земјата кон НАТО не постои, дека нема договорен став за него и дека сѐ што денеска кажа Жељко Комшиќ во своето обраќање е „чиста лага“.

Коментирајќи ги пораките на хрватскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Додик на Твитер напиша дека постои само соработка и, како што наведе, дека Комшиќ со неговото надмено однесување и еднострано истапување уште еднаш покажа каква ќе биде неговата политика и во иднина.

„Тоа е политика на лаги, подметнувања и срам за Босна и Херцеговина на меѓународно ниво“, напиша Додик.

Додик кажа дека „сето тоа што Комшиќ го кажа во својот говор е целосна лага“ и затоа, како што наведе, ја напуштил конститутивната седница на Претседателството на Босна и Херцеговина додека тој говорел.

„Жељко Комшиќ не е избран од граѓаните и граѓанките, како што лажно тврди, туку е избран од дел од Федерацијата, и тоа не тој што требаше да биде – хрватскиот народ, како што налага Уставот на Босна и Херцеговина, туку од бошњачкиот народ“, напиша Додик.