Додик на митинг пцуеше и се закануваше: Еден ден ќе земеме 49 отсто од БиХ

Пребројувањето на гласовите за избор на претседател на република Српска оди бавно. Резултатот ќе се знае кон крајот на идната недела


 

Лидерот на најголемата партија во Република Српска, СНСД, Милорад Додик, синоќа им се обрати на насобраните илјадници граѓани на плошатдот „Краина“ во Бања Лука во рамки на митингот „Татковината повикува“. Зборуваше за изборите, но и пцуеше, му упати порака на бошњачкиот лидер Бакир Изетбеговиќ и се закани: „Ќе одиме сигурно, а еден ден ќе земеме 49 проценти од Босна и Херцеговина“.

„Ова е уште една наша ноќ, онаа во која покажавме дека само заедно имаме сила да се спротивставиме на сите оние кои ќе ни го сменат начинот на живот, ќе влијаат и ќе сакаат да кажат како треба да живееме. Ова е суштината на она за што се бориме и што го прави Милорад Додик, слушајќи го повикот и пораките на народот. Милорад Додик, СНСД и коалициските партнери веќе победија 12 пати во РС и повторно ќе победиме затоа што работиме за народот. Сѐ додека луѓето велат дека треба да бидам тука, ќе бидам. Никогаш нема да се обидам да го направам тоа против волјата на народот“, рече Додик.

Тој изјави дека „тие не се народ кој на другите ќе им држи лекции, кој мрази и сака нешто што не е нивно“.

„Се договоривме дека РС е наша и дека сите други и поинакви можат да живеат во неа многу слободно и јас сум горд на тоа. РС е нашиот завет и ќе остане затоа што е широка за сите. Единственото нешто што ми беше важно беше да се вратам овде и да ми кажете ‘благодариме господине Додик’. Слушнавме секакви работи деновиве. Некои велат дека Бакир изгубил, Човиќ се пензионирал, па ни Додик не може. Јас сум Србин, тие не се, јас сум избран од српскиот народ. Јас не мразам ниту еден Бошњак како што Бакир ја мрази РС“, рече Додик.

Тој пцуеше и за ставање на зборот ентитет пред РС, како и за скратување на името Република Српска во РС.

„Вратете ни го Уставот на Босна и Херцеговина или ќе си заминеме“, рече тој додека луѓето извикуваа „Миле, Миле“.

„Можеме да одиме каде сакаме, но можеме да повлечеме и малку земја на своите чевли, да одиме во Србија или каде и да е. Ви кажуваме, ќе одиме сигурно, и еден ден ќе земеме 49 проценти од Босна и Херцеговина. А кога е тоа? Верувам во идеалите на автономна и независна РС“, рече Додик.

Инаку, рокот за објавување на конечните резултати од Општите избори во БиХ истекува на 2 ноември, а според последната одлука на Централната изборна комисија (ЦИК), сите резултати нема да бидат консолидирани во законскиот рок.

Билборди за независност на Република Српска

ЦИК ги објави прелиминарните резултати од изборите за Претседателството на Босна и Херцеговина, Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Народното собрание на Република Српска, Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина и кантоналните собранија. Сепак, резултатите од изборите за претседател и потпретседател на Република Српска не се објавени. Како што соопштија од ЦИК, тоа ќе се случи кога ќе се исполнат условите.

„Резултатите за другите нивоа ќе бидат објавени на веб-страницата на ЦИК и ќе бидат достапни за јавноста“, изјави на итната седница на ЦИК, нејзиниот претседател Суад Арнаутовиќ, кој потсетува дека првичните резултати за претседателот на РС не може да се објави бидејќи не се преброени сите избирачки места во Главниот центар броење.

„Тие резултати ќе бидат објавени кога ќе се исполнат условите. Главниот центар за броење не ги завршил активностите според наредбата на ЦИК“, рече Арнаутовиќ, информирајќи ја јавноста дека во девет дена се преброени помалку од половина од избирачките места.

„Од 2.239 избирачки места во ИЕ на Република Српска, Главниот центар за броење обработи 1.070 избирачки места“, објави Арнаутовиќ.

Доколку се следи динамиката на досегашнотот пребројување, сите избирачки места ќе бидат избројани дури по 2 ноември, до кога е крајниот рок за објавување на конечните изборни резултати. Но, од Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина велат дека сето тоа е регулирано со прописите и дека избирачките места ќе се бројат онолку колку што е потребно, за да се отстрани дамката од изборниот процес. (Според агенциите)