Додик ја напушти ложата за време на дефилето на спортистите од Косово


Српскиот член и претседавач со претседателството на БИХ, Милорад Додик, кој присуствуваше на отворањето на Европските спортски игри во Минск, синоќа демонстративно, накратко ја напушти свечената ложа во време кога пред неа дефилираа спортистите од Косово.

Додик го следеше отворањето на оваа спортска манифестација од првиот ред на централната  ложа, заедно со белорускиот претседател Александар Лукашенко, премиерот на Руската Федерација Дмитриј Медведев, молдавскиот претседател Игор Додон и други високи функционери.

Тој го поздрави дефилето на атлетичарите од БиХ и Србија, како и претставувањето на сите други земји, јавуваат српските медиуми, кои нагласуваат дека во Белорусија бил пречекан како цар.

Пред отворањето на Европските спортски игри, Додик со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваше на свечената вечера која беше организирана од претседателот на Белорусија, Лукашенко.

На свечената вечера присутвуваа и Медведев, Додон, претседателот на Европскиот олимписки комитет, Јанез Коцијанчиќ, како и многу други високи претставници.