Доделување на Наградите на ЕУ за истражувачко новинарство


Фото: Б. Грданоски

Наградите од Европска Унија за истражувачко новинарство за 2019 година ќе бидат доделени денеска на церемонија организирана од Самостојниот синдикат на новинaри и медиумски работници.

Предвидено е обраќања да имаат евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир и претседателката на жирито за наградата Весна Никодиновска.

Квалификувани за наградата беа истражувачките стории објавени од 1 јануари до 31 декември 2019 година, а кои се поврзани со слободата на изразување, владеењето на правото, транспарентноста, злоупотребата на моќта и основните права, корупцијата и организираниот криминал.

Наградниот фонд во секоја земја изнесува 10.000 евра. Првата награда е 5.000 евра, втората 3.000, а третата 2.000 евра.

Наградите за истражувачко новинарство беа воведени од страна на ЕУ и имплементирани од локални партнери во 2015 година со цел да се прослават и промовираат извонредните достигнувања на истражувачките новинари, како и да се зголеми видливоста на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и Турција.

Жирито за наградата од ЕУ го сочинуваат експерти за медиуми, уредници, членови на академската заедница и докажани новинари.

Активностите поврзани со наградата од ЕУ во Северна Македонија ги координира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.