Доделување на наградата „Роман на годината“- лауреат Симона Јованоска


 

Вечер во 20 часот во кафе барот „Филхармонија“ (во зградата на Филхармонија на РСМ) Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ ќе ја додели наградата „Роман на годината“ за 2021 година.

Годинашен лауреат на наградата е Симона Јованоска за романот „Денот на црвот“ („Или-или“, 2021).

-Романот „Денот на црвот“  е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство и да ги нијансира значењата на текстот, стои, меѓу другото, во образложението на жири-комисијата, во состав Владимир Јанковски, Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева.

За наградата „Роман на годината“ во најтесниот круг оваа година од 39 романи, влегоа четири романи и тоа Денот на црвот“ од Симона Јованоска (Или-или), „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски (Или-или), „Деса“ од Ивана Трајаноска (Арс Либрис) и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ (Паблишер). 

Фото: Б. Грданоски

Наградата годинава се доделува по 23-ти пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари, чиј Генерален покровител, веќе петта година по ред е „Комерцијална банка“ АД Скопје. Во последните неколку години наградата е финансиски поддржана и од Министерството за култура.

Лауреатката Симона Јованоска посочи дека е среќна и возбудена што е добитник на оваа награда, но како што рече, романот никогаш не е напишан за оваа цел, туку како што посочи, е пишуван во еден исклучително специфичен период.

-Многу сум среќна, возбудена, многу ја сакав оваа награда. Нема да бидам скромна, да кажам дека не ја сакав, никогаш овој роман не го напишав со таа цел, за да добијам што било. Беше пишуван во еден исклучително специфичен период за мене, во време кога почна пандемијата. На кратко, станав мајка по втор пат, се најдов дома затворена и под еден таков исклучително тежок период, кој што во сите други ситуации можеби би ме бутнал, кај мене делуваше обратно. Ме поттикна, ми беше „тригер“ за да напишам нешто, и на тој начин да си помогнам на себе си, рече лауреатката на денешната прес-конференција. Напомена дека наградата ќе и претставува дополнителна мотивација за во иднина.

-Мило ми е што од еден таков тежок период, за мене излезе една ваква мал или голема победа, која дополнитлено во иднина би ми претставувало мотивација плус да правам подобро. Никогаш нема да пишувам наменски или за да се допаднам на кој било. Секогаш ќе пишувам за да држам до себе, и да останам своја, додаде Јованоска.

Симона Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, во издание на „Или-или“. Во 2021 го издава својот прв роман, „Денот на црвот“.