Доделување на наградата „Пегаз“ за романот „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков


Во Галеријата на Младинскиот културен центар вечер од 19 часот ќе  биде доделена книжевната награда „Пегаз“ за 2021 година за најдобар необјавен роман и ќе биде промовиран победникот на конкурсот – „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков.

На доделувањето на наградата  ќе се обрати жирито во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски,   Фросина Пармаковска и Бисера Бендевска, а првонаградениот роман „Хотел меѓу две војни“ ќе го промовира Оливера Ќорвезироска.

-„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа, пред сè, многубројните војни од првата половина на 20 век, судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите, соопшти издавачката куќа „Арс Ламина“ која го организира конкурсот за наградата „Пегаз“.

На конкурсот за наградата „Пегаз“ за 2021 година пристигнале 44 ракописи, а во најтесниот избор биле и  „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.

Ова е трето издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината. „Арс Ламина“ го организира во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.