Доделени осум стипендии на ученици во социјален ризик – секој месец по 3.000 денари


 Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска додели осум стипендии за учебната 2023/2024 година на ученици од семејства со висок социјален ризик кои учат во основните училишта во општината.

-Преку доделувањето на овие стипендии, Општина Центар и јас, како нејзин градоначалник, сакаме да ви дадеме поголема мотивација за учење и постигнување високи резултати. Нека овие стипендии ве поттикнат да продолжите со успесите со цел да постигнете уште поголеми достигнувања и да бидете пример и поттик за вашите школски другари. Општина Центар е секогаш тука за вас, отворена и достапна за вашите идеи и размислувања, им порача градоначалникот Герасимовски на учениците.

Стипендиите кои Општина Центар ги доделува секоја година се со висина од 3.000 денари и учениците ќе ги добиваат месечно до крајот на учебната година. Доделувањето на стипендиите беше повод за денешната посета на учениците во кабинетот на градоначалникот Герасимовски, кој накусо ги запозна децата со работата и активностите на општината.

Градоначалникот Герасимовски им ги додели стипендиите на учениците и им посака многу среќа и успеси во учебната година.