Доделени наградите за најдобри млади вина од индивидуални производители и семејни винарии


 

Здружението на винари од Македонија, денеска ги додели наградите за најдобри млади вина од индивидуални производители и семејни винарии, во рамки на „Тиквешки вински салон”, манифестација организирана од Здружението „Тиквешки семејни винарии”.
Натпреварот се одржува традиционално веќе осум години, а целта е, како што беше кажано, да се види потенцијалот на младите вина од коишто се очекува да бидат уште подобри кога ќе созреат и „отспијат”. Наградите ги додели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
– Во категорија на индивидуални производители, Цанко Коцев освои 92 поени за црвено вино куве од сортите „каберне“, „мерло“ и „вранец“ и 94 поени за розе вино од сортата „станушина”, информираа од Здружението на винари за МИА.
Беа доделени и неколку награди за најдобри вина од категорија на семејни винарии. Деведесет и два поена добија “вранец” на Ивица Златковиќ, ,,жилавка” на Блаже Стојанов и ,,ризлинг” на Стојан Илиев. Поен повеќе, беа оценети ,,вранец” на Душан Наумовски и ,,розе од станушина” на Дафинка Дамјанова Уневска. ,,Вранец дарк хорс” на Гоце Попов освои 94 поени.
Оценувањето го извршија стручни лица енолози од Здружението на винари од Македонија.