Доделени наградите за најдобри е – трговци за 2022 година

Наградата за најпопуларна продавница ја освои Фешн груп, кој го освои третото место во категоријата најдобар е - трговец


Асоцијацијата за е-трговија на Македонија синоќа додели 39 награди на најдобрите е- трговци во земјата. Претседателката на Асоцијацијата Нина Ангелеска изрази надеж дека овие награди ќе бидат поттик и мотив за е-трговците да продолжат со нивната работа.

-Знам колку значат наградите, но секогаш можеме подобро, истакна Ангелеска.

Во категоријата најдобар е – трговец беше избран Групер (Grouper.mk), додека второто место во оваа категорија му припадна на Пакет (paket.mk), а третото на Фешн груп (Fashiongroup.com.mk). 

За најдобра новоотворена продавница во 2022 година е прогласена платформата Корпа (korpa.mk). 

Наградата за најпопуларна продавница ја освои Фешн груп, второто место му припадна на Пакет, а третото на онлајн платформата на Зегин. 

Од државните институции награда доби Управата за јавни приходи. 

Од Асоцијацијата истакнуваат дека наградите имаат за цел да ја препознаат вредната работа, иновативноста, тимскиот дух и постојаните напори на домашните е-трговци и да бидат поттик за продолжување со уште подобро темпо во текот на 2023.

Најдобрите е – трговци беа избрани од страна на специјализирана жири комисија, но исто така корисниците имаа можност да го искaжат своето мислење преку гласање во некои од категориите.