Доделени наградите на најдобрите дипломирани студенти на УКИМ


Фото: Б. Грданоски

Дваесет и двајца најдобри дипломирани студенти од учебната 2018/19, и исто толку од учебната 2019/20 година денеска добија пофалници и пригодни награди за остварениот успех.

Исто така, и десет студенти од редовни студии од завршниот семестар во прв циклус студии, кои покажаа особени резултати во студиите, од областа на архитектурата, општествените науки и уметностите на УКИМ за учебната 2019/20 година, ја добија наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија.

Фото: Б. Грданоски

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски на денешното свечено доделување на наградите пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), посочи дека наградите ги добија оние студенти кои со својата одлучност за нијанса се издвоија од другите колеги, и станаа први по квалитетот во својата генерација.

-Денеска им оддавам признание и благодарност за нивните извонредни успеси, но и за нивен интерактивен придонес во развојот и надоградувањето на знаењето. Со овој свечен чин им оддавам должно признание на најдобрите студенти на нашиоот Универзитет. Целта на оваа денешна церемонија е скромно да ве наградиме и јавно да ве пофалиме, рече ректорот Јанкуловски.

Фото: Б. Грданоски

Тој додаде дека овие студенти со своите успеси постигнати во текот на студиите, учествуваат во креирањето на на континуирано подигнување на квалитетот на студирањето, на најстариот и најдобар Универзитет во нашата земја, а со тоа, како што рече, имаат значајна улога во неговиот развој, во унапредувањето и афирмацијата во сите области и дејности.

Фото: Б. Грданоски

Како што појасни, критериумите за добивање на наградата ги исполнуваат повеќе студенти, и токму заради тоа, Универзитетот одлучил да ги награди сите.

Наградите за најдобро дипломирани студенти се доделуваат еднаш годишно.

Видот и висината на наградите ги определува ректорот секоја учебна година, во зависност од средствата со кои располага Универзитетот за оваа намена, а наградата „26 јули“ изнесува 9.000 денари во нето износ за секој студент.