Доделени договори за грантови од 6.000 евра на 70 жени земјоделки


Набавка на пчеларска опрема, соларна сушара за овошје и зеленчук, машини за преработка, разладна комора, опрема за фарми и за винарии, се само дел од апликациите на жените земјоделки кои денеска ги добија договорите за грант од 6.000 евра.

На повикот се пријавија вкупно 132 жени, а од нив 70 ги исполнија условите за грант.

Како што рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски пред доделувањето на договорите, со средствата од грантот жените земјоделки може да купат опрема за винарство, линии за производство на сточна храна, опрема за производство на мед и пчелни производи, опрема за млинови, калапи за сирење и машини за преработка и мелење месо. Со тоа ќе можат, подвлече Николовски, да развијат и нови производи, нови брендови, како и нова додадена вредност во домашната економија и во руралните средини.

-Со овој втор јавен повик, предност им дадовме на жените кои се вистински земјоделки и на кои земјоделското производство им е основна дејност. Најголем интерес има за набавка на опрема за фарми и винарии, како и за производство на мед, маџун, преработка и сушење на овошје и зеленчук. особено ме радува што меѓу апликациите има и такви што предвидуваат набавка на соларни сушари, нешто што е современо решение со оглед на енергетската криза, истакна Николовски.

Првиот јавен повик, потсети министерот, беше реализиран минатата година, со потпишани 250 договори за грантови во износ до 3.000 евра, на жени носители на земјоделски стопанства.

-Од нив, 135 ја реазлизирале инвестицијата, а кон 103 апликанти Платежната агеницја веќе ги има исплатено средствата во износ од 15 милиони денари со кои се покриваат 100 отсто од направените трошоци. Интересот за првиот повик за мерката Рурална жена ги надмина нашите очекувања, па затоа првично планираните средства за 100 договори не беа доволни. Министерството успеа да обезбеди дополнителни средства, за да може сите жени кои аплицирале и при тоа ги исполниле условите, да ја добијат финансиска поддршка. Со ова се овозможи, наместо 100 апликантки, грант да добијат вкупно 250 жени земјоделки, рече директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, додавајќи дека со двата јавни повика поддршка добија вкупно 320 земјоделки и оваа бројка ќе продолжи да се зголемува.

Министерот дополни дека токму успехот на првиот повик и големиот интерес што го покажаа жените земјоделки, било мотив со вториот јавен повик, поддршката да се зголеми двојно, од 3 000 на 6 000 евра.

-Новата Програма за поддршка на малите производители на храна, овозможува грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство и директна продажба, преку која се очекува да се поттикне развој на нови 2.000 производители. Оваа програма се воведува за прв пат и претставува директна поддршка за земјоделците кои своето производство сакаат да го пласираат на пазарот по принципот на продажба од праг или од фарма. Жените земјоделки ќе можат да аплицираат и за новата мерка за бизнис план од Програмата за рурален развој, со што им се овозможува да достават сопствен бизнис план преку отворен јавен повик кој ќе трае преку целата година. Исто така, за земјоделците од мал обем, новиот модел на субвенционирање предвидува поддршка до 40.000 денари без услов за предавање на производството, рече Николовски.

Договорите за грант беа доделени од министерот Николовски, државниот секретар Реџаил Исмаили и директорот Бачовски. Заедничката беше пораката до руралните жени – да продолжат да бидат храбри, да имаат идеи за бизнис и да аплицираат, а институциите повторно ќе го реализираат ветувањето.