ДУИ: Единствениот Албанец во Комисијата за наградата „8 Септември“ сам себеси си ја доделил наградата


ДУИ денеска обвини за скандал кој, како што велат, го загрозува не само интегритетот на државните награди „8 Септември”, туку и духот на граѓанска еднаквост гарантиран со Охридскиот договор. Според опозицијата, денеска, во Кристалната сала на Парламентот, Комисијата за доделување на Државната награда „8 Септември” ќе ги додели највисоките признанија за животно дело и за достигнувања во областа на спортот. Ова е највисоката државна награда во спортот, големо признание што треба да претставува правичност, меритократија и почит за сите наши спортисти.

-Комисијата, формирана со потпис на претседателот на Собранието, Африм Гаши, е составена од 11 Македонци и само 1 Албанец. И, за иронија на судбината, единствениот Албанец Хамид Бакија наместо да предложи еден албански спортист, решил наградата да си ја додели самиот на себеси.

Ова не е само судир на интереси, ова е срам и чиста неправда! Апсурдна и навредлива ситуација за албанските спортисти кои со децении придонесуваат со труд и успеси во спортот на Северна Македонија, но остануваат исклучени од државно признание и почит, тврдат од ДУИ.

Партијата потенцира дека ова не е изолиран случај.

-Минатата година имавме идентичен пример кога брат на еден градоначалник од ВМРО, како член на комисија, сам на себе си додели награда. И тогаш сè помина во тишина. Дали повторно ќе молчиме?

Ова прашање веднаш ќе биде адресирано пред Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи претставува флагрантен судир на интереси и отворена дискриминација, стои во партиското соопштение.