Додека Врховен суд тера по свое: Џафери и Дескоска во клинч за СЈО


Врховниот суд ја донесе првата одлука согласно своето јануарско решение, според кое, Специјалното јавно обвинителство нема мандат да раководи со случаи покренати по 30 јуни 2017 година. Прв што ја искористи привилегијата од правното мислење на Врховниот суд, кое ја разбранува јавноста и политичките кругови, е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Нему му е укинат куќниот притвор за предметот „Империја“, со образложение дека СЈО не е овластен тужител во постапката во која обвинети се и Орце Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, на кои од претходно им е укинат куќниот притвор. Мијалков, сепак, останува во куќен притвор за предметот „Титаник 2“, за кој е осуден на тригодишна затворска казна. Тој во четвртокот беше пуштен од затворот во Шутка.

Дали смее да се поднесуваат обвиненија по 30 јуни 2017 година и натаму е една од точките на недоразбирање меѓу власта и опозицијата, кои засега неуспешно преговараат за иднината на СЈО. И третата рунда меѓу работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ завршија без конечно решение, но со договор уште еднаш да се видат.

„Клучните разлики се во статусот на СЈО и во употребата на аудиоматеријалите. Се договоривме да се извршат консултации во делот на тоа каде би можело да има придвижување за да најдеме простор за заедничко носење на законот“, напоменува министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска.

Артан Груби од ДУИ вели дека е за поздравување што опозицијата продолжила со конструктивниот дијалог во однос на Законот за јавно обвинителство и поднесе амандмани. „Договорено е да се продолжи со разговорите во обид да се изнајде компромисно решение за усвојување на законот на консензуален начин во Собранието“, нагласи Груби.

Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, напоменуваат дека за нив проблематичен е целиот предлог-закон за јавното обвинителство поради што и поднесоа шеесетина амандмани. Клучните забелешки се однесуваат на тоа СЈО да биде само одделение во рамките на Основното јавно обвинителство, а сите случаи што сега се во суд, независно во која фаза, а се преземени после јуни 2017 година да се затворат. Потоа, доколку треба, целата постапка да почне одново, но доказите од „бомбите“ да не може да се користат. СЈО да нема свој буџет, односно специјалните обвинители да имаат ист статус како и нивните колеги од обичното обвинителство, а со амандманите се бара формирање комисија за да истражи како досега се потрошени 15 милиони евра наменети за Специјалното обвинителство бидејќи опозицијата имала индиции дека некои од нив не биле трошени законски. Првите три услови не се прифатливи за власта.

Веќе наредната недела се очекува нова средба на работните групи. Станува јасно дека ќе се пробие првичната идеја и желба договорот за СЈО да биде постигнат пред почетокот на кампањата за претседателските избори. Првиот човек на Собранието, Талат Џафери, веќе соопшти дека не планира да свика седница додека трае кампањата, затоа што пратениците ќе ја злоупотребат, па најави дека доколку има договор меѓу власта и опозицијата, за тимот на Катица Јанева ќе се гласа на 6 мај, односно ден по завршувањето на изборниот процес. Од друга страна, министерката Дескоска смета дека нема потреба да се чека толку време, односно што се стигне до договор, законот ќе влезе во собраниска процедура. Тоа го налути Џафери.

„Собранието на Република Северна Македонија работи согласно Деловник, а не врз основа на диктат, а уште помалку не според одредени индивидуални претензии, било да се тие на некој министер, кој и да е тој“, возврати парламентарниот спикер.

Дескоска оцени вчера дека изјават на Џафери дала аргумент за одложување на процесот на преговарање.

„Се истакна дека ако претседателот на Собранието не закаже седница, нема потреба да брзаме“, истакна Дескоска.

Министерката апелира сите политичари да го помогнат процесот на преговорите. Таа појасни дека амандманите на опозицијата може да се разгледуваат во три групи, од кои прифатливи за преговарање во оваа фаза се само амандманите од третата група.

СДСМ: Северна Македонија во амандманите на ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ вчера соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ во амандманите за Законот за обвинителство го потпишале новото име на државата: Република Северна Македонија.

„Додека Христијан Мицкоски ја замајува јавноста со лажен патриотизам, тврдејќи дека не го признава уставното име, истовремено, според јавно достапните информации, на сите амандмани на неговата ВМРО-ДПМНЕ поднесени до Собранието за Законот за јавно обвинителство стои новото уставно име: Република Северна Македонија. Мицкоски е неискрен и лицемерен и продолжува да ја лаже и да ја манипулира јавноста. Со тоа уште еднаш докажува дека е ист како неговиот ментор и претходник, криминалецот Никола Груевски“, рекоа од „Бихаќска“.

Горан Адамовски