Додека трае пазарот за пописот и за СЈО: Заев и Мицкоски заминаа на одмор


Иако најавена за изминатиот викенд, се одложи средбата на работните групи на власта и на опозицијата за пописот. Нова средба не е предвидена за неделава, па членовите на преговарачките тимови заминаа на одмор.

На одмор во Грција, односно Хрватска ќе одат  лидерите на двете најголеми политички партии во земјава, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, кои на своите соработници во партијата им оставија аманет да се реши прашањето за пописот, како и за Законот за јавно обвинителство, кое често варира од блиску до далеку.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вчера рече дека на средбите меѓу работните групи се забележувало чувство на одмазда и атака кон ВМРО-ДПМНЕ. И покрај тоа, Мицкоски е оптимист и очекува да се постигне договор за Законот за јавно обвинителство, кој ќе го одреди идниот статус на СЈО.

„Јас верувам дека власта ќе се вразуми и ќе го прифати предлогот на ВМРО- ДПМНЕ. Свесен сум дека ќе излезат со коментари, свесен сум дека во овие месеци што им преостануваат ќе продолжат со насилна пресметка со опозицијата, но ние имаме принципиелен став и не се плашиме да се соочиме со фактите од спротивната страна. Тие преговори, особено од изготвување на тој закон, изобилуваат со изразено чувство за одмазда, атака и пресметка со неистомислениците“, рече Мицкоски.

Како што е познато, ВМРО-ДПМНЕ инсистира СЈО да стане дел од редовното обвинителство, новиот шеф да биде договорен од партиите, а потоа потврден од Советот на обвинители, да има буџет одреден од државата, а не од самата институција и најважното: сите предмети по 30 јуни 2017 година, кога истече законскиот рок – да се укинат, а тие од претходно во која било фаза да се преземат од Основното обвинителство.

И кога се во прашање средбите за пописот, како и за Изборниот законик, за кој премиерот Зоран Заев побара компромис, во ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека компромис е можен само ако се прифатат нивните ставови. Конкретно, тоа значи пописот да се одржи во 2021 година, а не за осум месеци, операцијата да ја води колективно тело составено од стручни лица, а не од Државниот завод за статистика, попишувањето да се врши со лични документи, а не само со матичен број што ќе го каже некој од блиските, а попишувачите да бидат од различна етничка припадност. Освен тоа, опозицијата инсистира попишувањето да се врши на македонски јазик и на јазикот на кој ќе се побара, односно не само на јазикот на кој ќе се побара.

Во СДСМ сметаат дека Мицкоски уште еднаш покажал дека тој и неговата партија се против правдата, ги кочат реформите во судството и Законот за јавно обвинителство. На „Бихаќска“ се уверени оти борбата против криминалот и корупцијата била бескомпромисна и не познавала никаква припадност, а најмалку политичка.

„На преговорите што се водат за овој закон, ВМРО-ДПМНЕ за свој претставник го испрати Антонио Милошоски, осомничен за случајот ‘Моќник’ и главен дезинформатор во белиот дворец. Наместо да му побара оставка, Мицкоски го топори Милошоски. Тие сè уште се водат по инструкциите од Будимпешта, по насоките на осудениот криминалец во бегство, Никола Груевски. Треба да им биде јасно дека заврши времето кога политичарите бираа јавни обвинители, а судството се контролираше од белиот дворец“, вели пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов.

Мицкоски, пак, го подига влогот и нуди датуми за предвремени парламентарни избори. Според него, тие би требало да се одржат на почетокот на април или кон крајот на мај другата година.

„Предвремените избори се одлична можност Зоран Заев да провери дали навистина блеска или блеска само во друштво кога е со неколку негови обожаватели. Ние сме подготвени во секое време штом ќе се распушти парламентот. Предлагаме да одиме на избори на почеток на април, имајќи ги предвид велигденските празници или кон крајот на мај поради рамазанските празници. Останува на парламентарното мнозинство да одлучи. Ние ќе ги употребиме сите демократски алатки за да ги натераме да ги прифатат нашите аргументи“, рече Мицкоски и дополни дека работните групи треба да договорат во колку изборни единици би се одвивало гласањето.

Претседателот на Владата претходно напомена дека попис ќе има другата година, а не во 2021 година. Кога се во прашање изборите, Заев рече дека сега фокусот е на економијата, а избори може да има само во октомври в година, односно два месеца пред редовниот термин.

Горан Адамовски