Додека се лекува од корона, Борисов им подели совети на Макрон и Ердоган

Бугарскиот премиер Бојко Борисов на Фејсбук го коментираше избувнувањето на вербална војна меѓу претседателите на Франција и Турција и им препорача да бараат дијалог, а не конфронтација.

„Големите лидери се големи лидери затоа што разговараат за големи проблеми. Не создавајте непотребни во тешките времиња во кои живееме. Барајте дијалог, а не конфронтација. Дијалогот и почитта се патот кон стабилноста и разбирањето во сложени времиња како денес“, напиша Бојко Борисов, кој се лекува дома од корона вирус. Постот е напишан на бугарски јазик.

Пред неколку дена, францускиот претседател Емануел Макрон го опиша убиството на францускиот наставник по историја и географија Самуел Пати како „исламски терористички напад“, а неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган му рече дека „му треба психотерапија“.

Франција го отповика својот амбасадор во Анкара, а Ердоган ги повика Турците „никогаш да не купуваат француска стока“.