Додека пратениците летуваат: Не само СЈО, чекаат и МРТ, АВМУ…


Фото: Б. Грданоски

На преговарачките тимови на власта и на опозицијата им остана уште една седмица да ги приближат ставовите за новиот закон за јавно обвинителство пред да почне собраниската процедура за негово донесување. Новиот закон е ставен на дневен ред на првата пленарна седница по завршувањето на собраниска ферија. Пратениците ќе одмораат и оваа седмица, така што ќе се вратат на работа в понеделник на 26 август, а веќе следниот ден е седницата на чиј дневен ред е законот за јавно обвинителство во скратена постапка и обележан со европско знаменце.

Кон крајот на минатиот месец, пред парламентот да замине на колективен одмор, спикерот Талат Џафери оптимистички прогнозираше дека законот со кој се регулира статусот на СЈО би можел да биде донесен уште на 27 август и како критериум за датумот за почеток на преговорите со ЕУ би можел да биде донесен уште на 27 август, доколку дотогаш биде постигнат договор меѓу власта и опозицијата или евентуално, ако по „заобиколен пат“ се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за негово изгласување. Со ваква проценка Џафери настапил и пред новата амбасадорка на САД во земјава Кејт Брнс, која се интересирала дали законот може да биде донесен до 15 септември, кога истекува мандатот на СЈО.

И Владата во новото решение предвиде законот за обвинителството да стапи во сила на 15 септември, односно тогаш да почне спојувањето на СЈО и на Обвинителството за организиран криминал. Но, со оглед на развојот на ситуацијата со случајот „Рекет“, кој го нагриза кредибилитетот на СЈО, како и од аспект на досегашниот тек на разговорите меѓу власта и опозицијата за новиот закон, прашање е дали ќе се постигнат роковите што ги предвидоа собранискиот спикер и Владата.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, изјави вчера дека Владата, односно министерката за правда Рената Треневска-Дескоска и премиерот Зоран Заев треба да го прифатат законот што го подготвува опозицијата. Но, потоа, на прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ја поднела до Собранието својата верзија на законот за јавно обвинителство, Арсовски посочи дека работните групи на партиите работат на законот, односно преговараат на средбите што ги имале во изминатиот период, со цел да се дојде до заедничко решение што ќе биде прифатено од сите политички чинители, од целата јавност и од сите релевантни институции.

– Доколку не дојде до заедничко решение, понатаму ќе се произнесеме како ќе постапиме по однос на законот за јавното обвинителство – рече Арсовски.

Собраниската ферија ја одолговлече дополнително и процедурата за законот за попис, со кој треба да се регулира статистичката операција која е планирано да биде спроведена напролет следната година. Арсовски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги брани своите ставови во работните групи за пописот и за измените во изборната регулатива, како прашања за кои Заев закажа лидерска средба. На средбата требаше да се разговара и за регулативата за СЈО, ама таа беше откажана откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара главна тема во Клубот на пратеници да бидат предвремени парламентарни избори.

На прашање дали постои можност СЈО, пописот и изборната регулатива на крајот, сепак, да им бидат препуштени на договор на партиските лидери, Арсовски одговори дека во случај да дојде до таква средба, тогаш би било нормално на неа да се разговара и за вонредни избори.

Но СЈО и пописот не се единствените работи со кои треба да се зафатат пратениците по речиси еден месец одмор. Реформата на МРТ и АВМУ, која се оддолжи речиси две години, сега зависи од тоа кога ќе продолжи постапката во парламентот за избор на новите членови на советите на јавниот сервис на медиумското регулаторно тело. Пред одморите, собраниската Комисија за избори и именувања ги утврди листите на кандидати за раководните позиции во овие две институции. Во игра за членови на Советот на АВМУ се 28 кандидати, од кои треба да бидат избрани седум, а за Советот на МРТ, кој брои 11 членови, ќе се одлучува меѓу 18 кандидати.

Очекувањата се дека до крајот на овој месец или на почетокот на септември ќе биде закажана јавна расправа за кандидатите за советите на МРТ и на АВМУ. Потоа матичната Комисија за избори и именувања, со која раководи Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и во која засега мнозинство има опозицијата, со двотретинско мнозинство (што значи девет пратенички гласа), треба да состави конечни листи на кандидати кои потоа треба да бидат избрани во парламентот – исто така со минимум 80 гласа. (А.М.М.)