Додека паузира од музиката: Ед Ширан стана татко


Англија– Ед Ширан (29) и неговата сопруга Чери Сиборн, денеска, на 1 септември 2020 година, го добија своето прво дете. Поп-ѕвездата се пофали и на Инстаграм.

Тој веднаш соопшти дека тие добиле ќерка и ја крстиле Лира Антарктика Сиборн Ширан.

„Ние сме целосно вљубени во неа. Мама и бебето се справуваат одлично и сме многу среќни… Многу ве сакам и ќе се видиме, кога ќе дојде време да се вратам“, напиша англискиот пејач меѓу другото. Пораката е придружена со слика од чифт мали чорапи.

Инаку, Ед и Чери се доста дискретни во однос на својот личен живот. Младите родители, кои се пријатели од детството, се венчаа на тајна свадба во 2018 година. За бременоста на Чери јавноста и печатот дознаа минатиот месец.

Ширан подари еден милион фунти во добротворни цели и за борба со коронавирусот.

Пејачот ги подарил парите на градот Ипсвич и на својот округ. Ширан сега живее во областа Сафок, источна Англија – каде што и го минал детството.

Ширан лани во август, објави дека ќе се одмори од музиката 18 месеци, откако успешно ја заврши својата најголема светска турнеја со концерт во Ипсвич, Велика Британија.

Турнејата на пејачот траеше повеќе од две години. Од март 2017 година, Ширан направи 280 концерти, од кои едниот беше на фестивалот „Гластонбери“.

Бројките покажуваат дека Ширан за време на неговата голема турнеја пеел пред вкупно 9 милиони луѓе.

Турнејата на Ширан стана најголемата досега во историјата на музиката, која донесе повеќе од 775 милиони долари и 8,9 милиони билети продадени низ целиот свет.