Додека паѓаат ракетите Палестинците во Газа одат од место до место, а никаде не е безбедно

Израелската војска соопшти дека биле пронајдени телата на 1.500 милтанти на Хамас. Од Газа не може да се избега никаде, ни кога паѓаат бомбите


Степенот на уништувањето во Газа

ГАЗА, Појасот Газа – Израел го нападна центарот на градот Газа со немилосрдни бомбардирања во вторникот и дополнително ја прошири масoвната мобилизација на резервистите, откако вети одмазда што ќе „одекнува … со генерации“ против милитантната група Хамас, по нејзиниот ненадеен напад викендов.

Прашањето сега е дали Израел ќе започне копнена инвазија додека Хамас се заканува дека ќе ги убие заробените Израелци. Израел соопшти дека Хамас и другите милитантни групи во Газа држат како заложници повеќе од 150 војници и цивили.

Израелската војска во вторникот наутро соопшти дека ја вратила контролата на југот и на  границата. Тела на околу 1.500 милитанти на Хамас беа пронајдени на израелска територија, соопшти војската.

Над 180.000 Палестинци во Појасот Газа се сместени во засолништата на Обединетите нации додека израелските воени авиони ја напаѓаат малата територија од 2,3 милиони луѓе, откако нивните милитантни владетели од Хамас изведоа невиден напад викендов врз Израел. Меѓу нив е и 27-годишната Сабрин ал-Атар. Таа презеде акција веднаш кога слушна како паѓаат ракета по ракета над нејзиното обработливо земјиште во Беит Лахија, јужно од израелската граница во саботата. Од искуство знаеше дека израелската одмазда ќе биде брза и тешка.

Земајќи ги своите деца, Ал-Атар побрза во едно од десетиците засолништа поставени во училиштата управувани од агенцијата на ОН за палестински бегалци во градот Газа. Таму, експлозиите со голем интензитет ги отежнаа условите за преживување, бидејќи храната и водата ги снемуваше.

„Кога бегам, го правам тоа за моите деца“, рече таа, додека ѝ се тресеа рацете. „Нивните животи почиваат на моите раменици“.

Но, жителите велат дека нема вистинско бегство во Газа, која е под задушувачка 16-годишна блокада наметната од Израел и Египет. Кога ќе избие војна, како што се случуваше четири пати откако милитантната група Хамас ја презеде власта во 2007 година, дури и објектите на Обединетите нации, за кои се претпоставува дека се безбедни зони, ризикуваат да бидат опфатени во борбите. ОН соопштија дека воздушен напад директно погодил едно од нивните засолништа во неделата и оштетил пет други училишта,кои се претворија во засолништа во понеделникот. Засега нема информации за жртви.

Жителите на Газа нема каде да побегнат од израелските ракети

Ал-Атар се надеваше дека ќе биде безбедна во областа Римал во центарот на градот, раздвижената комерцијална област во градот Газа со висококатници, дом на меѓународни медиуми и хуманитарни организации. Римал дотогаш не бил непосредна мета на Израел, за разлика од пограничните градови или густо населените бегалски кампови.

Но, додека израелската војска напаѓаше кварт по кварт со брзи и засилени воздушни напади, силните бомбардирања стигнаа до срцето на градот Газа, трансформирајќи го богатото соседство во ненаселена пустина од кратери. Римал исто така беше погоден од израелски воздушни напади во крвавата војна во Газа во 2021 година, но не до овој степен.

Израел веќе мобилизираше 360.000 резервисти

Израелските бомби кои го погодија водечкиот Исламски универзитет во Газа, владините министерства и високите згради во Римал,ги разнесоа и прозорците на засолништето на Ал Атар, кршејќи стакло насекаде. Престојот таму со 1.500 други семејства, беше полн со опасност и страдања, но Ал-Атар рече дека нема друг избор освен да остане, велејќи им на своите момчиња – 2-годишниот Мохамед и 7-годишниот Набил – да се држат подалеку од прозорците.

„Ноќта беше многу, многу тешка“, рече таа во вторникот. „Немаме каде да одиме на друго место“.

Војската ја прошири мобилизацијата на резервистите на 360.000, јавуваат израелските медиуми. Тоа, заедно со воздушните напади и официјалното објавување војна во неделата, укажа на тоа дека Израел сѐ повеќе се префрла на офанзива против Хамас, заканувајќи се со поголемо уништување во густо населениот сиромашен Појас Газа.Останува да се види дали таа офанзива ќе вклучи и копнен напад. Последниот таков напад беше во 2014 година.

По неколкучасовни непрекинати удари, некои жители ги напуштија своите домови кога се раздени, за да наидат на згради разурнати половина од бомбардирањата,  додека други беа претворени во насипи од бетон и арматура. Автомобилите беа срамнети со земја, а дрвјата изгорени на улиците кои наликуваа на пејсажи од месечината.

„Само што почнавме да го напаѓаме Хамас“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во телевизиско обраќање доцна во понеделникот. „Она што ќе им го направиме на нашите непријатели во наредните денови ќе одекнува со генерации“.

Бомбардирањето во Римал и потенцијалните ризици за училиштата на ОН ја истакнаа очајната потрага на цивилите во Газа по безбедните простори, кои стануваат се помалку на оваа територија. Пред предупредувањето на израелската војска до цивилите во понеделникот дека Римал ќе биде погоден, семејствата се движеа на улиците со секакви предмети што можат да ги носат и без правец.

На брифингот во вторникот, портпаролот на израелската армија, потполковник Ричард Хехт, предложи Палестинците да се обидат да заминат преку граничниот премин на Газа со Египет – навидум непрактичен предлог.Претставниците на Хамас, кои управуваат од страната на Газа на преминот Рафах, порачаа  дека жителите на Газа, кои претходно се пријавиле, можат  да преминат во Египет, но бројот на оние на кои им е дозволено да патуваат вообичаено е мал и често има  застој и чекање со денови или недели, дури и во мирни времиња.

Телото на загинат Палестинец се изнесува од урнатините на бегалскиот камп Џемалија во Газа (Фото: АП)

„Овде никогаш нема план Б“, рече 31-годишната Маха Хусаини, додека гледаше како преплашените жители на Римал го преплавуваат нејзиниот кварт во јуќниот дел на градот Газа, токму кога и таму почнаа да паѓаат бомби.

Досега, билансот  изнесува околу 700 мртви и илјадници ранети, според здравствените власти во Газа, што е одразнички одговор на Израел на нападот на Хамас, во кој загинаа над 900 Израелци. Повеќе од 150 израелски цивили и војници се заробени.

Израел вели дека е комплицирано да се избегнат цивилни жртви бидејќи ги гаѓаат локациите на Хамас во Газа. Но, војската долго време извршува воздушни напади во преполни станбени населби, неизбежно нанесувајќи им штета на цивилите и цивилната инфраструктура. Властите на Хамас во понеделникот известија за уништување на седум џамии и 15 цивилни домови во кои загинаа многу членови на исто семејство.

Израелскиот министер за одбрана, исто така, нареди „целосна опсада“ на веќе блокираниот Појас Газа, ветувајќи дека ќе ја блокира храната, водата и горивото за територијата.

„Никој од нас дури и не знае што значи ‘безбедно’ во Газа“, рече 28-годишната Хинд Кудари, кој беше затрупана во луксузниот хотел „Рутс“ додека грмеа заглушувачки експлозии.

„Ова не се луѓе со милитантна припадност, ова се луѓе од повисоки класи, странски организации и медиуми“, рече таа за тие околу неа. „Но, во денови како овој, има нула разлика“.

Последиците од ракетите што ги испука Хамас врз Ашкелон во Израел (Фото: АП)

Жителите опишаа како изгледа нивниот круг на бегство од опасното израелско бомбардирање – бегство од дома, влегување во станови на роднини, повторно бегство во училиштата на ОН и потоа бегање одново на друго место, во обид да се најде чувство на сигурност.

„Подобро е отколку да умреш“, рече 37-годишниот Мухамед ал-Бишави, исцрпен од трчањето   меѓу засолништето на ОН во градот Газа и неговиот дом во Беит Лахија, за да обезбеди храна и други резерви пред да се врати.

Во саботата по масовниот напад на Хамас, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги предупреди цивилите во Газа за ужасите што доаѓаат, ветувајќи дека ќе ја ангажира целата израелска војска за напад. „Излезете сега“, рече тој, обраќајќи им се на Палестинците во Газа. „Затоа што ќе оперираме насекаде“.

Кудари го слушаше додека воздушните напади се интензивираа, заробена во нејзиниот дом без да има каде да бега.

„Зошто не ни кажа каде да бегаме?“- праша таа. „Затоа што навистина би сакале да знаеме“.

Силните бомбардирања и заканите на Израел  ги заострија прашањата за стратегијата и целите на Хамас. Водачите на Хамас не зборуваа јавно за тоа дали ја очекуваа жестоката одмазда на Израел – и потенцијалниот ризик од губење на голем дел од владината инфраструктура – кога го започнаа нападот викендов.

ОН во вторникот соопштија дека повеќе од 187.000 од 2,3 милиони луѓе во Газа ги напуштиле своите домови. (АП)