Додека Османи се прави инспектор: Ни слика ни тон од новите министри на ДУИ


Во паузата меѓу две лобирања за датумот за преговори со ЕУ, вицепремиерот Бујар Османи деновиве тргна повторно во инспекциски надзор, слично како минатиот пат, кога проверуваше дали се спроведува новиот Закон за употреба на јазиците, а заврши со казна за сообраќаен прекршок.
Овој пат Османи објави видео на својот фејсбук-профил, каде што наведе дека ја контролира имплементацијата на проектите од ИПА-програмата. На видеото може да се види како првиот човек на Секретаријатот за европски прашања го мониторира новиот царински терминал на границата меѓу Северна Македонија и Албанија. Тој во снимката посочува дека даночните обврзници на ЕУ одделија 1,2 милијарда евра неповратни средства за нашата земја од 2007 до 2020 за конкретни проекти што ќе ги изградат институциите, но и ќе ја трансформираат државата во европско општество.
„Како национален координатор за овие средства од ЕУ, мојата улога е да ги програмирам, да ги мониторирам и да ги надгледувам проектите. Денеска сум во Струга, Ќафасан, за да мониторирам и да извршам надзор на еден значаен проект – царински терминал, изграден со еден милион евра од ИПА- фондовите, со што е создаден еден современ стоп-шоп меѓу Северна Македонија и Албанија“, посочи Османи.
Вицепремиерот за евроинтеграции, инаку лекар по професија, овој пат се паркираше прописно и се пошегува дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е многу строг, алудирајќи на казната што ја заработи при претходната „инспекција“. Османи е еден од најекспонираните министри во владата, особено во последниот период кога се очекува одлуката на Европскиот совет дали нашата земја ќе ги почне преговорите со ЕУ.

За разлика од него, другите министри на ДУИ се помалку експонирани во јавноста – посебно новиот министер за животна средина Насер Нуредини и неговиот претходник во овој ресор Садула Дураки, кој летоска беше унапреден во вицепремиер (по разрешувањето на Хазби Лика) и го презеде новото Министерство за политички систем, за кое веќе неколку месеци од формирањето нема речиси никакви информации какви политики спроведува. Деновиве се заокружуваат сто дена од изборот на новите членови во кабинетот на Зоран Заев – период во кој јавноста немаш речиси никаква можност да ги види или слушне новите министри за политички систем и за екологија и да дознае нешто за нивните активности, политики или планови.
Радио Слободна Европа, во вчерашното интервју со министерот без ресор, Роберт Поповски, забележа дека Дураки е еден од министрите со најголеми трошоци, ама дека редакцијата не успеала да дојде до фискалните сметки на министерот, затоа што од неговиот ресор одговориле дека немаат доволно човечки ресурси. Забелешката е во контекст на заложбите на Владата за транспарентност на избраните и именувани функционери, на што Поповски одговора дека треба да има многу поголемо подобрување во однос на тоа како функционираат институциите бидејќи отвореноста и транспарентноста на Владата подразбира не само првите луѓе и носителите на јавни функции или министрите, туку и задолжените функционери да бидат отворени кон јавноста.
„Редовно секој функционер мора да комуницира со граѓаните, со медиумите, со новинарите, на тој начин ќе се избегнат сите вакви шпекулации, проблеми или впечаток дека нешто недоволно се презентира во јавноста“, вели Поповски.
Иако беше посочуван како еден од најнеисполнителните членови во Владата, Дураки не само што ја преживеа „метлата“ на премиерот Заев туку и беше унапреден, откако раководството на ДУИ, поточно вицепремиерот Османи, го промовира како „носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ“ и како одличен познавач на духот на Охридскиот договор“. Дураки е од самит почеток во владата на СДСМ и на ДУИ, со тоа што претходно беше министер за животна средина, иако и во екот на најголемите загадувања на воздухот во земјава во претходните две години тој речиси воопшто не се појавуваше во јавноста. Така, заменик-министерот од СДСМ, Јани Макрадули, беше оставен да ги вади „врелите костени“. Макрадули засега, барем на отворена сцена, не добива поголема логистика ниту од новиот министер за животна средина Нуредини, кој беше најавен како „нова ѕвезда“ во Владата, за што допатува од Виена, каде што се образувал и живее и работи долго години. Откако беше избран за министер, се памети само еден брифинг на Нуредини со новинарите, набрзо по преземањето на функцијата и неговото учество во владината делегација на неодамнешното Генерално собрание на ОН во Њујорк каде што се одржуваше и самит за климата.
Другите двајца министри на ДУИ – Крешник Бектеши за економија и Арбер Адеми за образование се почесто присутни во јавноста. Адеми беше поекспониран во последните два месеци, од стартот на новата учебна година, кога се соочи со предупредувачкиот штрајк на просветните работници, на првиот училиштен ден – поради барањата на СОНК за покачување на платите во образованието за 25 отсто, наспроти двете покачувања од по пет проценти во последнава година. За утре е најавена нова средба на Адеми со претседателот на СОНК, Јаким Неделков, од која зависи дали просветарите ќе стапат во генерален штрајк, доколку не добијат соодветно зголемување на платите од почетокот на следната година.
Во меѓувреме, ДУИ се подготвува за новиот конгрес, кој по неколку одложувања и серија внатрепартиски несогласувања и кадровски поместувања, сега е најавен за следниот месец. Конгресот треба да биде изборен, така што на потег е „вечниот“ лидер на оваа партија Али Ахмети. Тој треба да реши дали ќе оди на уште еден реизбор или евентуално ќе ја препушти функцијата на некој од неговото потесно опкружување, во кое припаѓа и Бујар Османи. Своевремено, Ахмети навести дека би можел да се повлече од лидерската позиција откако Македонија ќе влезе во НАТО. (А.М.М.)