Додека Ормуз е затворен, за Трамп е добра и „нафтата на Путин“
Администрацијата на Трамп вчера издаде ново тримесечно ослободување од санкциите што привремено им овозможува на земјите да купуваат санкционирана руска нафта и нафтени производи од море, откако претходното ослободување истече на 11 април.
Најновата одлука на администрацијата на Трамп е продолжение на претходното ослободување од санкциите на САД, кое истече на 11 април, и привремено им овозможува на земјите да продолжат да купуваат руска нафта и нафтени производи од море за следниот месец.
На овој начин, американската влада се обидува да влијае на намалувањето на глобалните цени на нафтата по превирањата на енергетските пазари предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток. Со овозможување на купување големи количини сурова нафта претходно опфатени со американските ограничувања, администрацијата се стреми да ја зголеми понудата на светскиот пазар и да го намали притисокот врз цените.
Специјалниот претставник на рускиот претседател, Кирил Дмитриев, утрово на платформата Телеграм изјави дека новото ослободување „ќе влијае на повеќе од 100 милиони барели нафта што моментално се во транзит“. Со ова, вкупната количина на нафта опфатена со двата исклучоци изнесува 200 милиони барели, објави Ројтерс.
Според достапните информации, станува збор за мерка со ограничено времетраење, насочена кон краткорочна стабилизација на енергетскиот пазар, додека санкциите на САД против руската нафта сè уште формално остануваат на сила.