Додека Македонија исправа историја, Германија ни произведува енергија

Германците оцениле дека енергетската структура ни е од минатиот век, па ни помагаат да обезбедиме одржливо и ефикасно снабдување со струја и топлина


 

Додека Македонија исправа историја, странски донатори ни ја исправаат енергетската ситуација, недостигот на храна и други системски слабости кои го прават тешко и непреспективно живеењето во државата. Триесетгодишнината од германско-македонските односи вчера беше повод да се покаже што прави Германија за да го помогне одржливиот развој на Македонија, додека се соочува со тешка енергетска криза и секојдневен раст на цените на храната. Стартна точка беше ветерниот парк во Богданци финансиран од германската банка за развој КФВ што е оперативен од 2014 година, но деновиве се подготвува негово проширување.

Според преставник на ЕСМ, подготовките за втората фаза се во тек и во моментов тече тендерската процедура за избор на изведувач, така што изградбата на новите три ветерници со поголем капацитет од сегашните се очекува да почне идната година. За оваа цел КФВ банката обезбеди дополнителни 18 милиони евра, а кога ќе станат функционални новите ветерници  ќе се достигне производство на енергија од 160 гигавати на час, или посликовито кажано, со неа ќе може да се обезбедат потребите за струја на 35.000 домаќинства, односно на помал град во Македонија.

Поважно дури од изградбата на ветерниците е испитувањето направено од германски експерти, според кое во Македонија има неколку региони во кои може да се произведува обновлива енергија од ветер и генерално има голем потенцијал за тоа, наспроти досегашната фoкусираност и зависност само од хидроцентралите и термоелектраните, за кои годинава фали вода, а горивата се прескапи.

Преставникот на КФВ банката, Морис Реме е особено горд на овој проект во Македонија, нарекувајќи го „специјален“. Според неговата оценка, ова не само што е прв ветерен парк во Македонија и прв во регионот, туку на терен покажува дека е можно во нашата држава да се обезбедува струја на ваков начин, надевајќи се дека овој позитивен пример ќе го следат и други приватни инвеститори. Според информациите од ЕСМ во моментов се во завршна фаза поставувањата на нови ветерници од приватници, но сѐ уште не е активна ниту една.

Според проценките на германската развојна агенција ГИЗ и КФВ банката, многу од нашите хидроелектрани се застарени, додека енергетскиот систем во целина „датира од минатиот век“, од 70-тите, така што „енергетската инфраструктура делумно е во лоша состојба, снабдувањето со струја не е ефикасно и нема доволно пари за нејзина модернизација“. Затоа, откако во 2018 година КФВ банката го стави фокусот на климатските промени, почнати се или се подготвуваат повеќе проекти да се поправи оваа состојба.

Досега, освен изградбата на ветерниот парк,  германската развојна банка КФВ  обезбеди средства за модернизација на шест хидроцентрали со што значајно е зголемена нивната производствена моќ, а во тек е втората фаза во која ќе се модернизираат уште шест. Исто така, топлинската  енергија од РЕК „Битола“ ќе се поврзе во систем за централно греење за Битола, која сега е меѓу најзагадените градови во државата, бидејќи нема организирано централно греење, ќе се инсталираат фотоволтаици во близина на РЕК, ќе се спроведе трета фаза на негова рехабилитација и ќе финансира изградба на фотоволтаични плантажи и други ветерни паркови со заеднички инсталиран капацитет од 200 мегавати. Меѓу проектите е и реновирањето на сите државни студентски домови во Македонија до ниво да станат „нула потрошувачи“ на енергија, а сѐ со цел да се помогне енергетската транзиција на државата кон чиста енергија, а не само да се обезбеди дополнителна струја.

Ветерниците со импресивна големина и моќ вчера беа отворени за новинарите во Богданци. Внатре секоја од нив има лифт што води до врвот, а како што кажаа експертите од ЕСМ, за секоја од нив, а ги има 16, се правени посебни пресметки, од аспект на силината на ветерот на местото каде што се поставени, висината што е потребна да се достигне потребната моќ (сите имаат различна големина) и други специфики.  

Инсталирана моќност и производство на електрична енергија во 2021 година по технологија

Вид на електроцентрала

Број на електрани

Инсталирана моќност (MW)

Учество (%)

Производство (GWh)

Учество (%)

Вкупно

352

2.117

100,00%

5.284

100,00%

ТЕЦ

5

1.034

48,85%

2.105

39,84%

ТЕ-ТО

3

287

13,58%

1.517

28,71%

Обновливи извори на енергија

344

795

37,57%

1.662

31,45%

ХЕЦ

10

587

73,76%

1.662

68,12%

ВЕЦ

1

36,8

4,63%

103

6,20%

Мали ХЕЦ

107

119

14,97%

321

19,34%

ФЕЦ

220

45

5,69%

51,46

3,10%

Биогас

3

7

0,88%

54

3,25%

Биомаса

1

1

0,08%

0

0,00%

 

Овој концепт на ГИЗ, предводено од директорот Давид Оберхубер, и на КФВ за справување со климатските промени го вклучува и проектот за наводнување на Валандовското поле, кој ќе се прошири и во други делови од државата. Како што соопштија германските претставници, Македонија зацртала како цел да инсталира модерен систем за наводнување на 250.000 хектари во наредните 15-20 години, а КФВ ја поддржува оваа цел од 2001 година. Сега фокусот е на регионите околу долниот тек на Вардар како најповолен регион за земјоделско производство. Како што беше кажано, Валандовското поле, од кое почна проектот, има најповолна клима, а со тоа услови дури за три реколти земјоделско производство, така што со системот за наводнување се обезбедува да има вода – секогаш кога ќе треба да наводнуваат. Целта е да се изгради сеопфатен систем на наводнување во наредните пет години, така што Македонија ќе биде подготвена да произведува повеќе храна – и ако се соочи со големи суши како годинава.

Во моментов, според германската амбасадорка Анке Холштајн, ГИЗ, КФВ и германската амбасада спроведуваат 15 проекти во Македонија, веќе се испланирани инвестиции од 335 милиони евра, додека од 1999 година досега се потрошени над половина милијарда евра (531 милиони) на подобрување на инфраструктурата во енергијата, водоснабдувањето, заштитата на природната околина, во помагање на руралниот развој, во помагање на винската индустрија да стане препознатлива во светот, во опремување на училишта, болници, градинки, во креирањето работни места преку поврзување на компаиите и образовните институции , во пречистителни станици и слично.

И, притоа, не се вложуваат само пари, туку и знаење, бидејќи на некој начин проектите дават правец на енергетската, земјоделската и друга политика во државата. Тоа најдобро се гледа низ малите проекти преставени вчера на Националната мрежа за рурален развој со која ГИЗ направи мапа на сите „зелени“ компании во Западен Балкан, на Националната федерација на фармери, која помага да се зголеми женското сопственишто и учество во земјоделството, а оваа дејност од домашна работа да стане семеен бизнис, бидејќи сега само 5 отсто од жените се сопственици на имот во руралните средини. Со финансирањето на ГИЗ е создадена и онлајн платформа преку која малите земјоделци ги продаваат своите производи директно, направена е мапа на рестораните во Македонија кои нудат автентично зготвена храна, обезбедена е обука за тоа на терен од шест готвачи и подготвени се нови менија и слично.

Како што порачаа од Федерацијата на фармерите, ковид пандемијата покажала колку е важно да се обезбеди стабилен систем на производство на храна и дека за да се постигне тоа не е доволен само систем на субвенционирање.

„Суверена земја е само таа што е независна во снабдувањето со храна“, велат тие поучени од искуството по Украина. Според нив, Македонија очигледно не ја преспала само енергетската ситуација, туку и го запоставила овој сектор, така што мора да се подготви подобро за кризата со храна што се навестува. Целта е да се потпре на локалното производство што сега не е доволно, бидејќи од произведувач стана увезувач и сега троши 700 милиони евра годишно на увоз на храна.

Во тие рамки е и проектот за брендирање на македонското вино, или попрецизно за негово препознавање во светот според географското и друго потекло, на што се работи во моментов со помош на ГИЗ. Како што порачаа од најголемата винарија „Тиквеш“, иако добиваат медали за квалитет низ светот, тоа не се рефлектира на претпознатливоста на нашите вина надвор.

„Сакаме ‘Тиквеш’ да биде синоним за квалитет и да биде препознатлив како што се сега Порто и вината од Бордо“, велат во винаријата, посочувајќи дека етикетите сега на нашите вина не кажуваат ништо ни за сортата на грозјето, ни за автентичноста, ни за географското потекло, бидејќи тоа што е произведено во Македонија не мора да значи дека е произведено од автентично македонско грозје. Во проектот се вклучени 35 винарии од вкупно околу седумдесет и планираат за две години да воспостават функционален вински систем во Македонија како што имаат другите земји со развиени вински индустрии.   (С.Ј.)