Обвинителството побара, судот одреди 30 дена притвор за Камчев
Еден од најбогатите Македонци, Орце Камчев, во наредните 30 дена ќе биде во затворот во Шутка, откако судија на претходна постапка го усвои барањето на обвинителството. Камчев утрово беше приведен од полицијата по претходни сознанија на Агенцијата за национална безбедност дека се подготвувал да избега од државата.
Јавното обвинителство попладнево потврди дека побарало притвор по сознанијата на АНБ дека Камчев се подготвува за бегство.
„Денеска во утринските часови, врз основа на сознанијата на Агенцијата за национална безбедност дека Јордан Камчев се подготвува за бегство, Министерството за внатрешни работи го лиши од слобода. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамките на своите надлежности до Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог за определување на мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена“, се наведува во соопштението.
Камчев е еден од осомничените во истрагата „Плацовите на Водно“. Во оваа истрага првоосомничен е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Според деталите што пред неколку месеци ги обелодени обвинителството Груевски купувал плацеви на Водно со пари што ѝ биле дадени на партијата како донации, а неговиот кум од првиот брак, Ристо Новачевски, го прикривал сопствеништвото на земјиштето. Се работи за огромни пари што, наводно, биле земени од касата на партијата – 1,3 милион евра наменети за купување земјиште од 11 илјади квадратни метри.
Сопственикот на „Орка холдинг“ и на дел од болницата „Систина“ е еден од осомничените и во случајот „Империја“, кој го отвори поранешното СЈО. Во овој случај се истражува финансиски криминал односно перење пари преку фирми во земјава и офшор-компании.