Додека Ангеловска промовира безготовинско општество, ДУИ бара кеш исплати до 10 илјади евра дневно
На иницијатива на граѓани, ДУИ поднел предлог износот за исплата во готовина од брзите трансфери на пари да се зголеми од 5.000 на 10.000 евра дневно
Додека во полн ек се подготовките за издавање на платежните картички за преку 300 илјади корисници од кои некои ќе добијат по 9.000 денари помош поради корона кризата и со кои министерката за финансии Нина Ангеловска најави дека ќе гради безготовинско општество и ќе се бори против сивата економија, владиниот партнер ДУИ поднел предлог износот за исплата во готовина од брзите трансфери на пари да се зголеми од 5.000 на 10.000 евра дневно.
Информацијата за „Алсат“ ја потврдиле од ДУИ, а од Управата за финансиско разузнавање изјавиле за оваа телевизија дека „во врска со промената на прагот за реализирање на трансакции преку брз трансфер на пари на дневно ниво, во рамките на Министерството за финансии во моментов се прават повеќе анализи, од сите можни аспекти, па и од аспект на злоупотреби од перење пари и финансирање на тероризам“.
Од ДУИ не одговориле зошто ја бараат оваа мерка, но предлогот бил инициран од граѓани.
Во законските прописи што ја регулираат оваа проблематика се вели дека „Уплатите врз основа на брз трансфер на пари од Република Македонија не можат да надминат вкупен износ од 2.500 евра месечно по поединечно физичко лице кај сите даватели на услуга брз трансфер на пари, а исплатите врз основа на брз трансфер на пари во Република Македонија не можат да надминат вкупен износ од 5.000 евра дневно по поединечно физичко лице кај сите даватели на услуга брз трансфер на пари“
Измените беа направени во 2018 година кога УЈП почна да добива податоци и за трансакциите преку брз трансфер на пари, што беше направено со измени на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари. Како што беше образложено, тоа беше направено да се разграничат трансферите на пари извршени по основ ослободен од плаќање на персонален данок на доход (подарок, фамилијарна поддршка и сл.) од трансферите што подлежат на оданочување.
Со корона кризата изминатите неколку месеци беа стопирани патувањата меѓу државите, па брзите трансфери на пари се еден од каналите преку кои можат да се испраќаат пари од иселениците, иако оваа услуга е прилично скапа.
Сепак, изненадува што ваквата иницијатива се поднесува во време кога од страна на Владата на големо се промовира проектот за исплата на помошта од третиот сет мерки во износ од 9.000 денари преку платежни картички. Особено што овој проект заедно го промовираа министерката за финансии Нина Ангеловска и нејзиниот колега од Владата, Министерот за економија Крешник Бектеши, кој е од редовите на ДУИ.
Ангеловска неколку пати на прес конференција истакна дека целта на ваквиот начин на исплата на помошта за илјадници граѓани е да се промовира безготовинското плаќање и да се гради безготовинско општество, но и дека ова е можност да се намали сивата економија.
„Безготовинско општество значи и општество со помала сива економија. Затоа домашната платежна картичка не само што ќе им помогне на оние кои им е потребно туку и ќе го забрза патот кон безготовинско плаќање и ќе влијае кон промена на навиките“, напиша деновиве на фејсбук Ангеловска.
Претходно, гостувајќи на националните телевизии, таа исто така го потенцираше овој аспект на издавањето платежни картичи, како и дека „секоја земја веќе посегнува да се дигитализира, оди кон кешлес општество и безготовинско општество и тоа е таа визија која е прикажана и низ овој пакет“.
„Кога 300.000 граѓани ќе добијат платежна картичка, средствата ќе се насочат кон погодените сектори. Кога тие ќе почнат да плаќаат безготовински на одредени шифри на дејности, технологијата ни овозможува и идентификација средствата да завршат кај што треба“, посочи Ангеловска.
За да се обезбедат платежни картички со по 150 евра за 100 илјади граѓани и со по 50 евра за уште 100 илјади, ќе се потрошат 25 милиони евра буџетски пари. За ваучерите за туризам, од кои треба да се доделат на над 100 илјади лица, предвидени се 10 до 12 милиони евра.
Сивата економија е еден од поголемите проблеми со кои се соочува земјава. Според различни извештаи на меѓународни финансиски извештаи обемот на сивата економија се проценува на 30 па до над 40 отсто од домашниот бруто-производ.
Оттаму, прашање е дали предлогот на ДУИ оди во насока на сузбивање на сивата економија, за што се залагаат како дел од Владата или пак, е во сосема спротивна насока. Исто така, нејасно е како ваквиот предлог може да се оправда од аспект на сузбивање на последиците од корона кризата, што е и основна задача на Владата во периодот додека трае вонредната состојба кога може да носи уредби со законска сила.
Како дел од напорите да се застане на пат на сивата економија, за време на министерот за финансии Драган Тевдовски, беше и мерката за намалување на износот на плаќање во готовина од 2.000 на 1.000, па на само 500 евра што почна да се применува на 1 јуни 2019 година, како дел од измените во Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам во кој се ограничи висината на плаќањата во готово.
Меѓутоа, оваа мерка имаше кус рок на траење, па по само шест месеци лимитот се зголеми на 3.000 евра плаќање кеш, откако измените беа усвоени по скратена постапка на собраниска седница одржана на 27 декември 2019 година, а по иницијатива на пратениците Ејуп Алими, Реџаиљ Исмаили, Агим Шаќири, Александар Филиповски, Агим Муртезанов и Мирослав Јованов.
Тогаш како нова на функцијата, министерката за финансии Ангелоска рече дека не била запозната со иницијативата. (М.Ј.)