Доброволното враќање на парите од д-р Софијанова не ја ослободува од одговорност, вели директорката на детската клиника


Доброволното враќање на неосновано стекнатите надоместоци на име дежурства од страна на екс директорката на Детската клиника, проф. д-р Аспазија Софијанова, не ја ослободува од одговорноста пред законот и надлежните институции, соопшти денеска в.д. директорката  на Универзитетската клиника за детски болести, проф. д-р Стојка Нацева Фуштиќ.

Таа во соопштение до медиумите вели дека во врска со објавените информации за работењето на екс директорите на Универзитетската клиника за детски болести, медицински директор проф. Аспазија Софијанова и в.д. организациониот директор Мемеди Аљадин, во тек е вонредна ревизија на досегашното работењето во различни домени меѓу кои и исплата на плати и надоместоци на плата, дежурства и надоместоци за прекувремена работа.

„По завршување на предметните ревизии и соодветните постапки Универзитетската клиника за детски болести во целост ќе ги побара неосновано исплатените средства утврдени од страна на надлежните институции“, вели Фуштиќ.

Таа исто така нагласува дека поради необезбедената согласност за организација на работа во дежурства за 2021 и 2022 година од страна на претходното раководство, сегашниот менаџмент не бил во можност да изврши исплата за октомври на вработените.

„Исплата на дежурства за вработените за 10-ти месец ќе се изврши веднаш по добивање на потребната согласност“, вели Фуштиќ.

„Исто така сакаме да посочиме дека платите на вработените не се намалени“, додава таа.